Заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и директорката на Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги (УНОПС), Мишела Телатин, на денешниот состанок разговарале за успешната соработка во рамки на поддршка на европскиот напредок на Северна Македонија и изразиле задоволство од текот на реализација на активностите, како и добрата партнерска соработка и флексибилноста на проектот која овозможува да се одговори и на итни потреби на институциите.
На средбата, како што соопшти СЕП, се разговарало за постигнатите и очекуваните резултати од проектните активности, кои придонесоа за подобрен пристап до вработување со регистрација на сопствени стартапи, со доквалификација на невработени лица, како и поддршка на општински инфраструктурни проекти.
-Во тек е проектот за поддршка на владината реформска агенда во пристапниот процес со голем број активности кои се спроведуваат во насока на зајакнување на капацитетите на Секретаријатот за европски прашања во однос на НПАА, центарот за обуки, преводот на европското законодавство, итн, се наведува во соопштението.
Вицепремиерот Маричиќ и директорката Телатин на состанокот ги разгледале можностите за продолжување на поддршката и идната година со ново програмирање за да може да се испланираат идни активности и да продолжи унапредувањето на процесот на европски реформи во земјава со проектна поддршка.
Извор: МИА





