Успешната соработка во последните четири години, како и новите можности Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ) географски да ја прошири својата програма за грантови на прекуграничната заштитена област Кораб-Шара во Албанија и Северна Македонија, беа тема на разговор на вчерашната средба во Тирана на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини со претставниците на ПОНТ.
Министерот, информираат од МЖСПП, ја истакна високата природна вредност на оваа голема прекугранична област и нејзиниот туристички потенцијал базиран на природата и ја поздрави поддршката на ПОНТ за неодамна прогласениот национален парк Шар Планина, што е усогласена со финансирањето што веќе го обезбеди Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Двете страни се согласија за прв плански грант за новоформираната Јавна установа на паркот, кој ќе биде развиен со помош на национален консултант ангажиран од ПОНТ и стартуван во јуни 2022 година. Ова ќе го отвори патот за долгорочно партнерство за ко-финансирање на оперативните трошоци за да се обезбеди ефективно управување со Паркот, во согласност со Планот за управување што формално треба да биде одобрен во средината на 2022 година.
Исто така, планирана е понатамошна соработка со тековната и новопланирана поддршка од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) преку УНЕП.
Во 2022 година, ПОНТ планира да објави два повика за предлози за граѓански организации во областа Кораб-Шара. Првиот повик за предлози ќе се фокусира на локални невладини организации за поддршка на властите на Паркот во нивните напори за управување. Вториот повик ќе биде за националните невладини организации за поддршка на различни заштитени подрачја во регионот што е фокус на ПОНТ, како и еколошките коридори помеѓу прекуграничните заштитени подрачја.