Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно ќе ги информира граѓаните“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски вели најголемите предизвици за државата се економските.
„Поради воените дејствија, глобалната економска и енергетска криза се продлабочува. Не очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Ги следиме од блиску промените во светските економски текови и ќе делуваме во интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека Владата ги овозможи сите ресурси и енергија да се пренасочат кон справување со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството.
„Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму.
Глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала. Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1% од вкупните вредности.
Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно.
Сите мои секојдневни разговори со членовите на Владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството.
Во оваа прилика сакам да порачам:
Сите институции во државата од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата.
Сега е време за одговорност без отстапка.
Време е да докажеме дека можеме заеднички да делуваме за доброто на граѓаните.
Почитувани граѓани,
Оваа криза е голем предизвик, но ве уверувам дека можеме и ќе ја поминеме со заеднички напори. Сакам да потенцирам дека Владата посветено ќе работи на заштита на економијата, на вашиот животен стандард, а секој денар од буџетот ќе биде насочен полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата заедничка историја.“, рече Ковачевски во обраќањето.