– Со оглед на надлежностите на Секретаријатот за европски прашања има три приоритети на кои што ќе се фокусираме. Прво е координацијата на реформите кои што се битни и за извештајот на Европската комисија меѓутоа и за придвижување на државата напред, истакна вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за Фронтлајн, одговарајќи на прашањето – Кои се чекорите што ќе ги преземе за време на неговиот мандат како Вицепремиер за европски прашања? Кои се најитните проекти и какви се изгледите за успех?
„Тоа беше до сега под насловот „Агенда Европа дома“. Тие реформи мора да ги продолжиме, да ги засилиме и координацијата на тие реформи со надлежните министерства и институции е наша задача. Веќе работиме интензивно на тоа и очекуваме темпото на реформи и сите напори што ги правиме да покажат уште повеќе резултати“, рече Маричиќ.
Вториот дел, вели Маричиќ, е подготовка на нашите институции за почеток и спроведување на преговорите за членство во ЕУ.
„Уште во 2019 година ние имаме донесено како Влада сет на одлуки поврзани со структурата на преговарачките тимови. Планираме многу скоро во наредниот период да ги ревидираме согласно новата методологија на Европската комисија за преговори со државите кандидатки и да ги ставиме во функција што поскоро, веднаш штом се создадат услови за почеток на преговорите“, истакна Вицепремиерот.
Тој нагласи дека третиот приоритет е подобро и поуспешно искористување на ИПА фондовите и на другата билатерална странска помош.
„Ние до сега имаме добар скор, меѓутоа сметаме дека можеме и подобро и повидливо за граѓаните. Затоа што навистина тоа се важни проекти што прават разлика и во секојдневниот живот меѓутоа и во трансформација на цели политики“, потенцира вицепремиерот Маричиќ.
Целото интервју со вицепремиерот Маричиќ: