Алексеј Навални, руски адвокат и политичар кој на јавноста и е познат по критиките на рускиот претседател Владимир Путин како и еден од главните организатори на големите протести против политичката корупција на Путин и неговите коалициски партнери, денес се огласи со став во врска со војната во Украина.
Тој на својот фејсбук профил напиша:
Ние – Русите – сакаме да бидеме нација на мирот. За жал, малкумина нè нарекуваат сега така.
Но, барем да не станеме нација на исплашени луѓе што молчат. На кукавици кои се преправаат дека не ја забележуваат агресивната војна против Украина што ја започна нашиот очигледно луд цар.
Не можам, не сакам и нема да молчам гледајќи како псевдоисториските глупости за настаните од пред 100 години станаа изговор за Русите да убиваат Украинци, а Украинците да убиваат Руси додека се бранат.
Сега е третата деценија на 21 век, а ние гледаме вести за луѓе кои горат во тенкови и бомбардирани куќи. На нашите телевизори гледаме реални закани за започнување нуклеарна војна.
Самиот сум од СССР. Таму сум роден. А главната фраза од таму – од моето детство – беше „борба за мир“. Ги повикувам сите да излезат на улица и да се борат за мир.
Путин не е Русија. И ако има нешто во Русија во моментов со што може да се гордеете најмногу, тоа се оние 6835 луѓе кои беа приведени затоа што – без никаков повик – излегоа на улиците со плакати на кои пишува „Не за војна“.
Тие велат дека секој што ќе се јави на протестот ризикува да биде уапсен поради тоа. Веќе сум во затвор, па и сепак мислам дека можам пак да сум таму.
Не можеме да чекаме повеќе. Каде и да сте, во Русија, Белорусија или на другата страна на планетата, одете на главниот плоштад во вашиот град секој работен ден во 14 часот, за време на викендите и празниците, секој ден.
Ако сте во странство, одете во руската амбасада. Ако можете да организирате демонстрации, направете го тоа за време на викендот. Да, можеби само неколку луѓе ќе излезат на улица првиот ден. А во вториот – уште повеќе.
Но, ние мора, стискајќи заби и победувајќи го стравот, да излеземе и да бараме прекин на војната.
Секое уапсено лице мора да биде заменето со двајца новодојдени.
Ако за да ја запреме војната треба да ги полниме затворите и вагоните со себе, со себе ќе ги наполниме затворите и вагоните.
Сè има своја цена и сега, во пролетта 2022 година, мора да ја платиме оваа цена.Нема кој друг да го направи тоа за нас. Да не „бидеме против војната“. Да се бориме против војната.
В.К