Јована Тренчевска е новата Министерка за труд и социјала политика. Од 2003 година е вработена во Министерството за труд и социјална политика како советничка за родова еднаквост во секторот за еднакви можности, а во 2018 е назначена за раководителка на именуваниот сектор.
Помеѓу 2018 и 2020 година ја извршува функцијата државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика, а од 2020 година е директорка на Државниот инспекторат за труд.
Во интервју за Фронтлајн, министерката Тренчевска се осврнува на придобивките од законското решение недела неработен ден и на покачувањето на минималната плата од 18.000 денари. Таа говори за барањето за зголемување на платите во администрацијата и донесувањето на нов Закон за работни односи, за барањата за покачување на пензиите, за зголемувањето на минималната помош (социјална помош) за 300 отсто.
Разговорот го водеше Мартина Ацковска, Фронтлајн.
Министерке Тренчевска, го донесовте Законот за минимална плата со кој минималецот се зголемува на 18.000 денари? Дали на ова гледате како на уште еден успех на Владата и Министерството за труд и социјална политика, со оглед дека ваквото законско решениe силно беше критикувано од опозицијата?
ТРЕНЧЕВСКА: Еден од приоритетите во новата програма на Владата беше зголемување на минималната плата. Дијалогот кој го водевме пред донесувањето на законското решение се водеше во рамки на економско-социјалниот совет што значи во рамки на социјален дијалог кој што е приоритет на Владата. Затоа што секоја политика која што се носи во делот на трудовото законодавство треба да се носи во разговор, во дијалог со социјалните партнери, со синдикатите и со работодавачите. Токму тој принцип на работа беше и во процесот на подготовка на измените на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија.
Денес е реалност, денес имаме минимална плата од 18.000 денари. Само да се потсетиме од доаѓането на новата Влада во 2017 година минималната плата е постојано зголемувана. Пред да дојдеме во 2017 година минималната плата беше 10.080 денари, a денес имаме минимална плата од 18.000 денари.
Како Влада се грижиме за порастот на животниот стандард кај граѓаните. Се грижиме за подобрување на економскиот статус на работниците и за унапредување на нивните права од работен однос.
Не би рекла дека законското решение кое што го понудивме во Собрание е силно критикувано. Критиката беше во делот на усогласувањето на платите и амандманите кои што ги предложија од опозицијата, да се суспендира социјалниот дијалог што не е принцип на работа на оваа Влада. Критиката беше во усогласувањето на останатите плати со минималната плата што не е предмет на регулирање на Законот за минимална плата. Тоа беше и образложението што го дадов како министерка при брањењето на законското решение во Собранието. Низ социјален дијалог ќе се оди повторно со синдикатите и работодавачите за да ги усогласиме останатите плати со минималната плата.
Кога зборуваме за решението за мнимална плата сакам да споменам дека со предлогот кој што веќе е реалност и е усвоен од страна на Собранието, всушност ја менуваме методологијата за усогласување на минималната плата што значи континуиран раст на минималната плата, раст кој што зависи од порастот на трошоците на живот и од порастот на просечната плата. Тоа се новите критериуми кои што ги ставивме во делот на методологијата за усогласување со минималната плата, 50 % од порастот на трошоците на живот и 50% од порастот на просечната плата во претходната согласно со податоците од Државниот завод за статистика.
Она што е друго значајно да се спомне во делот на минималната плата е дека воведовме нов критериум, минималната плата никогаш нема да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека усогласувањето на минималната плата, нема да зависат од политичка волја, нема да зависи од тој кој е на власт туку е системско решавање на прашањето. Самото законско решение гарантира дека минималната плата во ниеден момент нема да биде пониска од 57 % од просечната плата.
Со воведувањето на висината на минималната плата од 18.000 денари во законот, во моментот минималната плата учествува со 62% од просечната плата. Што е највисок процент не само во регионот туку и пошироко. Тоа покажува дека навистина како Влада се грижиме за економскиот статус на работниците, се грижиме за подобрување на квалитетот на живеење на сите во државата.
Забелешките на најновото покачување на минималната плата се однесуваат на тоа дека се создава вештачки стандард. Како ги коментирате истите? Што ќе направите за понатамошно унапредување на работничките права во нашата земја?
ТРЕНЧЕВСКА: Минималната плата е само еден сегмент со кој што работиме во делот на унапредување на правата на работниците. Сегмент кој што оди кон тоа да се подигне економскиот статус и животниот стандард на работниците.
Не би рекла дека се создава вештачки стандард, затоа што најдобрата инвестиција која што може да ја има една држава е инвестиција во човечкиот капацитет, инвестиција во работниците и граѓаните. На тој начин создаваме поинклузивен економски раст во државата и инвестираме во буџетите на секое семејство. Од 15.194 на 18.000 порасна минималната плата е пораст за 3.000 денари што значи дополнителни 3.000 денари на семејството доколку еден член во семејството примал минимална плата. Доколку се двајца имаме подобрување на стандардот и буџетот на ова семејство за 6.000 денари на месечно ниво.
Во текот на месец март ќе се свика работната група. Во моментот во Министерството имаме предлог за измени на законот за работни односи, односно донесување на нов Закон за работни односи што ќе значи дополнително унапредување на работничките права. Тоа ќе значи воведување на нови форми на работа до прецизирање и регулирање на работата од дома, работата од далечина затоа што периодот на пандемија измнинативе две години соочувајќи се со ковид пандемијата научивме дека треба да воведеме нови форми, да ги допрецизираме затоа што се покажа дека може да работиме и од дома, може да работиме и од далечина меѓутоа сетоа тоа треба да биде законски регулирано.
Ќе се воведуваат новини во допрецизирање на траењето на договорот на определено време, значи да се скрати тој период кој што е во моментот е законско решение меѓутоа сите овие измени ќе бидат направени во разговор во дијалог со социјалните партнери. Во таа работна група учествуваат и синдикатите и работодавачите. Не само репрезентативните синдикати и работодавачи туку за да биде процесот потранспарентен, поинклузивен ги вклучуваме дури и оние синдикати кои што не се репрезентативни.
Важно ни е мислењето на секој за да дојдеме до решение коешто ќе биде најдобро, решение кое што ќе одговара на сите работници и на сите работодавачи. Ќе се вклучат и стопанските комори во државата се со цел да имаме Закон за работни односи кој што навистина ги следи европските директиви, меѓународните стандарди и стандардите на Обединетите нации, односно на Меѓународната организација на трудот.
Што мислите за барањето на УПОЗ околу зголемувањето на платите и во администрацијата?
ТРЕНЧЕВСКА: Синдикатот е тука да се бори и да се грижи за правата на работниците. Легитимно е секој синдикат да има одредени барања кои што ќе ги достави во овој случај до Владата затоа што се работи за вработени во јавниот сектор. За оние работници кои што УПОЗ како синдикат ги застапува легитимно е да има барање за зголемувањето на минималната плата и да има барања за усогласувања на платите во јавната администрација со минималната плата.
Веќе се сретнав со претставниците на УПОЗ, одржавме состанок и се договоривме дека за сите нивни барања ќе отвориме дијалог и ќе разговараме. Како Влада сме спремни да го отвориме прашањето за општ колективен договор за јавниот сектор. Гранскиот колективен договор го донесовме во 2020 година за јавната администрација, всушност за вработените во органите на државната управа и министерствата. Ќе го започнеме и дијалогот за усогласувањето на платите во администрацијата со измените на законот за минимална плата.
Легитимно е, започнуваме со дијалог и се надевам дека во рамките на тој дијалог ќе дојдеме до решението кое што ќе биде добро за сите вработени во јавниот сектор, ќе одговара и на синдикатите и на Владата.
Повисоки пензии бараат и пензионерите. Вие веќе ги започнавте преговорите. Како течат?
ТРЕНЧЕВСКА: Еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и едно од прашањета кое што е нотирано во програмата за работа 2022 – 2024 година е токму зголемување на пензиите и почнување на дијалог за менување на методологијата со која што се усогласуваат пензиите, што ќе значи донесување на системско решение за нов начин на усогласување на пензиите.
Веќе одржавме состаноци со Сојузот на здружение на пензионерите, очекуваме многу наскоро да биде свикан и следниот останок на кој ќе понудиме решенија, ќе дојдеме до заедничко најдобро решение кое што ќе одговара и на пензионерите и на Владата во однос и на методологијата но и во однос на други прашања што ќе значат подобрување на стандардот на највозрасната категорија во државата, тоа се пензионерите.
Пензионерите на состанокот кој што го имавме ги кажаа нивните барања, предлозите кои ги имаат ги доставија до Министерство за труд и социјална политика, како ресорно министерство, а ги доставија и до Владата. Се прават проекции да се најде најдоброто решение, како ќе дојдеме до критериуми, до методологија која што ќе значи постојан раст на пензиите, раст кој нема да зависи од Владата во тој момент, туку континуиран раст и континуирано подобрување на животот на пензионерите.
Какви се состојбите во доменот на социјалната правда во нашата земја? Можете ли да направите паралела помеѓу социјалната помош која социјално загрозените граѓани ја добиваа до 2017 година и што од тогаш до денес е направено за ранливите категории наши граѓани?
ТРЕНЧЕВСКА: Од 2017 година до сега е навистина многу направено, борбата против сиромаштијата ја поставивме високо на агендата на Владата и на Министерството на труд и социјална политика. Со реформите што ги направивме за социјалната заштита во 2019 година, навистина успеавме да им помогнеме на голем број граѓани кои што се наоѓаат во социјален ризик.
Дел од процесите кои што беа дел од програмата се забавени ради состојбата со пандемијата, која не е само состојба кај нас туку тоа е глобален проблем со кој се соочуваат сите држави во светов изминатите две години. Меѓутоа она што е најаважно, што сакам да го истакнам е дека системот на социјална заштита е способен и во време на пандемија да ги апсорбира сите оние граѓани кои што се наоѓаат во социјален ризик односно сите оние граѓани кои се социјално загрозени.
Ја покачивме помошта која државата ја дава на социјално ранливата категорија на граѓани. До реформата беше позната како социјална помош, денес тоа е гарантирана мала помош, ја зголемивме за триста отсто, го зголемивме опфатот на децата кои што примаат детстки додаток и опфатот на учениците кои примаат образовен додадок.
Денес 47.000 деца во државата примаат детски додаток, а 30.000 деца и ученици примаат образовен додадот што значи дополнителни финансиски средства во семејствата од каде што потекнуваат овие деца.
Гарантирана минимална помош примаат околу 36.000 материјално не обезбедени семејства. Не се оставени без било какви финансиски средства, туку со оваа минимална помош државата обезбедува овие семејства да излезат од сиромаштијата и да можат да ги обезбедат основните услови за егзистенција.
Во 2019 година го донесовме Законот за социјална сигурност на старите лица, право кое што го примаат граѓани над 65 години, кои по било кој основ не можат да остварат право на пензија. Државата секој месец им дава надоместок на овие граѓани, по 6.000 денари и 1.000 денари за да можат да ги платат сметките за струја или било кој енергенс кој што го користат во текот на грејната сезона.
Во услови на ковид овој додаток е проширен не само во делот на грејната сезона туку во текот на целата година. Граѓаните кои што примаат право на социјална сигурност, право на социјална помош имаат дополнителни финансиски средства од 1.000 денари.
Го решивме проблемот и на 13.000 стечајци, кои што примаат од државата околу 9.000 денари месечен надоместок, се до моментот на остварување на правото на пензија на овие граѓани. Со новите измени на законот што го регулира оваа прашање ги олеснивме условите за да можат сите оние работици кои работеле во фирми кои што отишле под стечај да можат да добиваат од државата месечен надоместок од 9.000 денари.
Ја намаливме границата за лична асистенција на лицата со пореченост и таа лична асистенција може да добие дете од 6 или лице до 64 годишна возраст. Во моментот 200 деца имаат лични асистенти кои што им помагаат во секојдневниот живот, во обавувањето на обврските секој ден, а најмногу 80 часа во месецот.
Процесот на деинстуитуизација го започнавме и продолжува, ги вадиме од гломазните институции кои што постојат во државата лицата со попреченост и ги сместуваме во мали групни домови, во атмосфера која што е налик на семејната атмосфера. Исто така го зголемивме правото на попреченост, на лицата со попреченост. Воведовме социјални услуги кои што се распространети низ локалните заедници, помош и нега во домот, за помош на лица со попреченост.
Сето тоа го работиме со единиците на локалната самоуправа зависно од проактивноста на самите општини, кои што аплицираат со проекти за воведување на социјални услуги кои што им се потреби на граѓаните во тие заедници, а државата односно Министерството за труд и социјална политика ги покрива трошоците за овие услуги.
Значи генерално, со еден збор навистина од 2017 година до денес е направено многу во делот на социјалната заштита и во делот со справување на сиромаштијата односно извлекување од апсолутната сиромаштија на граѓаните кои што се во социјален ризик.
Од почетокот на годинава, почна да се имплементира законското решение кое работниците со задоволство го прифатија. Недела стана неработен ден. Дали работодавачите го почитуваат законското решение или, пак, Државниот инспекторат за труд има полни раце работа?
ТРЕНЧЕВСКА: Голем успех на Владата и на Министерството за труд и социјална политика се измените на Законот за работни односи со кои што недела е неработен ден, ден за неделен одмор и навистина тоа е веќе наша реалност. Од 01.01.2022 година недела е ден за неделен одмор, ден кога рабтниците се посветени на своите семејства и на своите пријатели, ден кога се посветуваме на самите нас.
Реалност е дека 92% од работниците во недела не работат, а оние 8% кои што во недела работат во оние дејности каде што процесот на работа не дозволува да биде прекинат за работа во недела добиваат 50% повисока дневница, за сите часови поминати на работа во недела, а работниците кои што работат во трговија добиваат дневници поголеми за 100 %.
Интензивни се контролите од страна на Државниот инспекторат за труд како надлежна институција да врши надзор над имплементација и почитување на одредбите на Законот за работни односи. Од почетокот на донесувањето на законот во јануари до денес имаме извршено 347 надзори. Инспекторатот работи во недела затоа што е дел од исклучоците кои што ги опфаќа законот се со цел да врши контрола дали се почитуват одредбите од законот.
При овие 347 надзори констатирани се 56 неправилности, издадени се 56 инспекциски мерки, опомена, односно 56 правни лица не го известиле државниот инспекторат за труд дека ќе работат во недела. Сите овие 56 постапиле по решението за опомена од страна на Државниот инспекторат за труд и доставиле известување дека ќе работат во недела. Кај 14 работодавци издадени се инспекциски мерки забрана за вршење на дејноста во рок од 15 дена согласно прекршочните одредвби и одредбите казнените одредби од законот за работни односи.
До сега според податоците на Државниот инспекторат за труд, 44 работодавачи кои што работеле во недела имаат исплатено додаток на плата за работа во недела , а 5 работодавачи не го испочитувале оваа законско решение и против нив се поднесени прекршочни санкции согласно Зкаонот за работни односи.
По падот на режимот во ова министерство се спроведуваше така наречен „бел штрајк“. Политиките и практиките што Министерството за труд и социјална политика ги наследи од тоа време беа се само не социјални и ориентирани кон реализацијата на работничките права. Како стојат работите сега ? Дали вработените во ова министерство се професионализираа или остана партизираноста како белег на голем број институции?
ТРЕНЧЕВСКА: Режимот е минато и никогаш повеќе не треба да се повтори, ќе го оставиме таму. Во принцип свртена сум кон иднината и мојот принцип на работа е да креираме политики кои ќе го подобруваат животниот стандарт на граѓаните, политики кои ќе значат почитување на човековите права, почитување на рабтничките права, односно создавање на праведно општество. Политики кои ќе допринесат кон праведно општество, општество без дискриминција, општество во кое секој граѓанин има еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси во општеството, а со оглед на тоа и еднаков бенефит од овие ресурси.
Вработените во Министерството за труд и социјална политика и целата адмиснистрација генерално треба да има професионален однос кон работата. Да се однесуваат рофесионално и кон процесот на креирање на политики и кон странките со кои што се во секојдневен конктакт. Тоа треба да биде принципот на работа без исклучок. Значи професионализам, без вклучување на партиски политики или било каква политика во работата, во било кое министерство односно адмиснистрацијата да си работи професионално, без вклучување на дневна политика во работата на министерствата.
Разговорот го водеше: Мартина Ацковска / Фронтлајн
Камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети