пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Општо е познато дека мнението на граѓаните во нашата држава е полесно променливо во споредба со останатите држави од Европскиот континент. Слободно може да се каже дека ние како народ лесно веруваме на некоја вест пласирана од некој наш медиум без притоа да ја провериме точноста и релевантноста на таа вест. Имајќи го во предвид фактот дека како народ лесно веруваме на одредена пласирана вест, некои политички чинители во македонското општество често знаат да го искористат сето ова во своја полза се со цел да ги наметнат своите ставови врз одредена група граѓани. Сакале ние или не, мора да почитуваме некои одредби бидејќи не постои полесен пат и не може никој освен ние самите да се справи во борбата со лажните вести, лагите и манипулациите кои лесно се пласираат во нашето општество. Затоа што живееме во плурално општество и се стремиме кон целосна дигитализација, ваквите појави се повеќе од очекувани, како предизвик со кој граѓаните мора да се соочат. За сите ние да “читаме паметно” односно да ја провериме релевантноста на веста, постојат одредени правила. Тие правила се:
- Не читај само наслови
- Провери кој медиум објавил
- Провери го датумот кога е објавено
- Има ли текстот автор ?
- Провери кои извори се користени
- Дали фотографијата е автентична ?
- Провери дали и други известуваат и спореди
- Не го читај само тоа што сакаш да го слушнеш
- Размисли пред да споделиш на фејсбук
Токму овие изложени правила (препораки) за проверка на одредена вест, можат секому многу да му помогнат градејќи го своето мислење и својот став за одредено општествено прашање.
Токму актуелната ситуација во Украина предизвикана од руските агресори, говори за вакво нешто. Секој медиум, секој самопрогласен медиум во моментов известува за состојбата во Украина. И да, секој си има право со што ќе се занимава во животот и какви ставови и мислења ќе има, но мора барем оваа борба со лажните вести, да не обедини сите нас. Па така во изминативе денови имавме можност да прочитаме се и сешто. Имавме можност да прочитаме и слушнеме работи кои лесно можат да ги променат мислењата и ставовите на граѓаните, кога се во прашање вакви сериозни теми и прашања.
Најлесно ни е нам како граѓани додека се возиме во автомобил/автобус на нашиот паметен телефон, да ги прочитаме насловите од одредени медиуми кои најчесто ги читаме, па врз основа на тоа да изградиме став по односното прашање и истото да го споделиме на фејсбук или некоја друга социјална мрежа. Правејќи го ова, јас сум сигурен дека во тие моменти не се размислува за последиците кои можат да произлезат, како и за тоа дека со некој коментар, објава или искажан став може многу лесно некому да се наштети ненамерно. Тоа наштетување може да се состои и во прекршување одредени законски одредби кои повлекуваат со себе и кривична одговорност.
Имено, воопшто нема да згрешам, ако кажам дека одредени политички чинители во македонското општество на одреден начин ја “искористија” актуелната ситуација во Украина, за безпотребно да го растревожат македонскиот народ, како ситуацијата во Северна Македонија е драматично алармантна во сите области.
Врз основа на овие политички ставови искажани од политички чинители, кои започнаа уште и пред воената криза во Украина, се направи обид да се делува врз нашиот народ во целина. Да точно е, воената криза која се случува на Европскиот континент ќе предизвика последици во некои области насекаде во државите во Европа, но во вакви ситуации каде лесно може да се нарушат одредени ставови за актуелни прашања, треба да бидеме исклучително внимателни и треба да се земаат во предвид официјалните ставови на институциите во државата. И да, ако некој наш сосед панично реагира за одредени случувања на светско ниво, тоа не значи дека по инерција на нештата и ние треба панично да реагираме. Со доза на внимание и со доза на трезвено размислување, градејќи јасен став за случувањата и во светот и во нашата држава, би имале можност да одговориме на секој исправен предизвик.
Имено, најголемата македонска опозициска партија во државата, со своите јавно искажани мислења и ставови предизвикува доза на страв, несигурност и влева недоверба кај македонските граѓани. Да, опозицијата треба да критикува и да го кажува својот став за актуелните случувања бидејќи тоа е одлика на демократски здраво општество, но мора да се внимава сите тие критики и ставови да бидат издржани и пред се да не создаваат страв и паника кај граѓаните. Обидот за ефтино профитерство врз грбот на стравот и паниката можат сериозно да наштетат на секој еден од нас.
Впрочем уште пред руско-украинската војна, опозицијата апелираше дека граѓаните ќе се соочат со енергетска криза и дека ќе има драматично поскапување на цената на електричната енергија. Да, точно е дека има енергетска криза, ама енергетската криза е на светско ниво. Не треба да заборавиме дека и последиците предизвикани од Ковид-19 го наплатија својот цех. И згора на се тоа, граѓаните не осетија драматично зголемување на цената на електричната енергија, како што апелираше опозицијата, туку и понатаму нашата држава има најевтина електрична енергија во регионот. Имено, беше укината само дневната ефтина тарифа од 14 до 16 часот. Гледајќи ги и читајќи ги официјалните информации од одговорните институции во државата, кои макотрпно се трудат сите светски случувања што е можно помалку да ги почувствуваат македонските граѓани, се виде дека опозијата направи обид за манипулација по однос на ова прашање, кое сега веќе не го ни спомнуваат по пропаднатиот обид за ширење на вести кои предизвикуваат панични реакции.
Друго нешто со кое македонската опозиција се обидуваше да изманипулира со македонските граѓани ширејќи лажни вести, беше и тоа дека ќе има енормно покачување на цената на горивата. Па така, сведоци сме дека во изминативе неколку дена се прави одреден метеж по бензиските станици ширум државата, како би се наполниле резервоарите бидејќи се стравува од рестрикции со горивата. Да точно е, покачување на цената на горива има, но сето тоа се прави поради руско-украинската војна бидејќи општо е познато дека најголем дел од европските држави се снабдуваат со гас од Русија. По санкциите кои ги воведоа државите спрема Русија, вклучително и Северна Македонија, се со цел да ја осудат за воената агресија која ја превзема врз украинскиот народ, очекувано беше дека ќе има пораст на цената на горивата.
Опозицијата директно ја обвини Владата на Северна Македонија ширејќи лажни вести дека Владата не се грижи за своите граѓани, туку гледа само да им наштети, додека пак Владата навистина се труди да го амортизира ценовното зголемување на горивата се со цел помалку да биде почувствувано од страна на граѓаните. Опозицијата обвинува без притоа да му објасни на македонскиот народ дека цената на горивата ја одредува РКЕ – Регулаторна комисија за енергетика, освен на авто-плинот (ТНГ). Исто така опозицијата заборава дека во нејзиното 11 ипол годишно владеење со државата, македонските граѓани плаќаа највисоки цени на горивата без притоа да има ниту воена криза во Европа, ниту светска пандемија кои директно го наплаќаат својот цех.
И трето нешто кое мора да се спомене е зголемувањето на цената на пензиите. Се добива впечаток дека опозицијата во државата ама апсолутно нема слух за граѓаните. Се работи за историски највисоко зголемување на пензиите на нашите највозрасни граѓани со директна примена на швајцарскиот модел. И по ова прашање не изостанаа критиките од страна на опозицијата, така што велеа дека ова е истото законско решение од пред неколку години со кое Владата им ги скратила пензиите на граѓаните, па сега им ги зголемува. Повторно обид за ширење на лажна вест, наметнување на неточен став и пласирање на еклатантни лаги. Владата на Северна Македонија не им ги скратила пензиите на нашите највозрасни граѓани во ниту еден момент, туку секогаш барала начин и модел соодветен спрема моменталната ситуација, да ги зголеми истите. Исто така станува збор за модел кој до сега не е применет во државата и кој беше проследен со директни преговори со претставници на заегнатите страни резултирајќи со најголемо покачување до сега. Така да, највозрасните граѓани можат да бидат спокојни бидејќи станува збор за искрен пристап со искрени намери.
Следствено на се ова прикажано преку актуелни три примери, можеме да заклучиме дека лажните вести се насекаде околу нас, па често пласирани и од некои политички чинители во општеството. Секој од нас лесно може да западне во замката на лажните вести доколку не внимава и доколку не ги користи оние погоре споменати правила за разоткривање на лажна вест.
Сосема е јасно дека во услови на криза секој се обидува да профитира на различен начин обидувајќи се да креира слика која нему му одговара.
Наше е да се бориме со лажните вести на начин што нема да дозволиме да западнеме во нечија замка се со цел полесно манипулирање за остварување на одредени цели.
Од нас зависи, ревносната борба со лажните вести продолжува и никогаш нема да запре !
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани