Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец, во изјава за Радио Слободна Европа, вели дека иницијативата е одржлива, имајќи предвид дека од ден во ден се зголемува бројот на граѓани и компании кои ги гледаат, разбираат и чувствуваат директно придобивките и олеснувањата од постоењето на Отворен Балкан.
Засега, потписнички се три држави, Северна Македонија, Србија и Албанија. Средбата којашто требаше да се одржи деновиве е презакажана за во мај. Со оглед на тоа што Северна Македонија и Албанија воведоа санкции кон Русија, а Србија не, се отвора дилема дали иницијативата е загрозена.
„Што се однесува до ставовите на Србија, по однос на украинската криза, не смее да се заборави дека ОН резолуцијата за осуда на воената агресија врз Украина пред неколку дена беше поддржана од Србија, дека Србија застана зад суверенитетот на Украина и дека таквиот чекор на 9 март беше препознаен и јавно поздравен од страна на потсекретарот за политички работи на САД, Викторија Нуланд.“, вели Забрчанец за Радио Слободна Европа.
Според Забрчанец, во сите области има сериозен и видлив напредок, како и првите резултати на директен бенефит за реалниот сектор, во случајов за компаниите кои извезуваат земјоделски производи.
„Имено, сега со Отворен Балкан, сериозно се скратени постапките околу фитосанитарните, ветеринарните и останатите безбедносни проверки на квалитетот на храна и земјоделски производи, службите работат 24 часа, 7 дена во неделата, а било какви предизвици во спроведување на новиот модел на “крената рампа” брзо се решаваат преку заедничка силно изразена волја и соработка меѓу трите држави. Компаниите и превозниците се информирани за бенефитите и олеснувањата и самите проактивно се повикуваат на Отворен Балкан и бараат брз проток на границите“, рече Забрчанец во интервју за Нова ТВ.
Силна поддршка од САД
Националниот координатор за Отворен Балкан, Забрчанец пред една недела во САД се сретна специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој силно ја поддржа оваа иницијатива.
Во интервју за Нова ТВ, Забрчанец вели дека оценката за економската и политичката соработна на трите земји кои се дел од иницијативата е имресивна.
„Тие особено се заинтересирани да го поддржат овој поинаков Западен Балкан кој не е базиран на 90-те туку на денешната реалност во нашиот регион. А, реалноста значи регионална соработка и отстранување на сите пречки за слободно движење на луѓе, стоки, производи и услуги. САД се заинтересирани силно и практично да го помагаат „Отворен Балкан“ и сметаат дека атрактивноста на иницијативата само ќе се зголемува. Една од големите можности кои стојат пред нас, а за што САД ќе ни пружат поддршка, е привлекувањето странски, пред се американски и европски инвеститори кои пред себе ќе гледаат потенцијали на цел еден регион, а не само на една земја. Бенефитот ќе биде повеќестран, за државите, за инвеститорите, но пред се за граѓаните кои живеат тука во Северна Македонија, Албанија и Србија“, вели во интервјуто за Нова ТВ, Забрчанец.
Клучни политички прашања, како што се односите меѓу Србија и Косово и односите во Босна и Херцеговина влијаат врз регионалната соработка
Во моментов само три од шесте држави од Западен Балкан се дел од иницијатива, што ја прави иницијативата нецелосна и ранлива. Според вицеремиерот Маричиќ, тоа што се моментално приклучени Србија, Албанија и Северна Македонија значи дека само тие биле подготвени да влезат во оваа иницијатива, но сите шест држави се во Берлинскиот процес.
„Покриваме слични области, но не и исти. Целта беше да се забрзаат процесите што во Берлинскиот процес се на некој начин застанати или забавени. Клучните политички прашања, како што се односите меѓу Србија и Косово и односите во Босна и Херцеговина влијаат врз регионалната соработка, но токму затоа ги одбираме мудро темите, кои што се од интерес на граѓаните, а не имплицираат никакви политички ставови или решенија во однос на овие крупни политички прашања. Затоа мислам дека и премиерот Ковачевски и претходните состави на владата, интензивно објаснувале и на Косово и на Босна и Херцеговина и на Црна Гора дека вратите на „Отворен Балкан“ се отворени за нив и дека немаат од што да се плашат, бидејќи освен соработката, економската, трговската и подобрувањето на движењето на луѓето, стоките и услугите, нема друга политичка позадина на оваа иницијатива, вели вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за Фронтлајн.
Според Маричиќ, иницијативата „Отворен Балкан“ доаѓа од страна на три држави и три влади, нашата, таа на Србија и таа на Албанија. Целта на таа иницијатива е да им отвори нови можности на граѓаните, да ги намали бариерите во трговијата, во економската соработка, во слободното движење на луѓето за да можат полесно и да се едуцираат, да студираат и да се образуваат и да работат во овој регион. Полесно да се добиваат работни дозволи, полесно да се поминуваат границите, меѓусебно да се признаваат дипломите.
„Значи, целта на оваа иницијатива е зголемена, пред сè, економска и трговска соработка во регионот. Ние ја подржуваме принципиелно и инсистираме да остане отворена како иницијатива за сите држави од Западен Балкан, значи не само за овие три кои што се веќе внатре, туку и за останатите три кои што не се, ја оставаме вратата отворена да се придружат. Притоа, не сметаме дека е ова иницијатива која што може да биде замена за членство во Европска Унија, не, напротив, сметаме дека е само еден вид на регионална соработка која што е од корист на нашите граѓани“, вели Маричиќ за Фронтлајн.
Што предвидува Отворен Балкан и што е спроведено до сега
Според Македонската влада, иницијативата „Отворен Балкан“ е можност за зајакнување на регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра.
Веќе се спроведува и Договорот за соработка во ветеринарното, фитосанитарното и безбедноста на храната, со што нема повеќе чекање на граничните премини, велат од Владата додават дека веќе има резултати, бидејќи се скратени постапките.
„Отворен Балкан” води кон бришење на границите како административни бариери и ги овозможува четирите европски слободи за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.
Следува, во туризмот, да се интензивира соработката меѓу агенциите за туризам од трите држави за да утврдат заедничка понуда кон светските пазари, што ќе го промовира „Отворен Балкан” како атрактивна дестинација.
Се развиваат идеи и проекти за регионален на вински туризам преку поуспешно преставување на светските саеми за вино и соработка за унапредување на индустријата, а веќе во мај 2022 ќе го имаме и првиот „Отворен Балкан” вински саем за поголема афирмација на виното од регионот.
Државите од „Отворен Балкан” работат и на основање заеднички филмски фонд на кој ќе аплицираат копродукции иницирани од трите земји.
Трите влади се обврзаа и дека ќе се интензивираат контактите, познанствата, размените и заедничките иницијативи меѓу младите од нашите држави преку организација на настани. Од заеднички летувања, преку спортски турнири и културни настани до научно-истражувачки хабови.
И. З.