Претседателот Џо Бајден во 110-минутен видео повик се обиде да го одврати својот кинески колега да и помогне на Русија во војната против Украина, пишува Си-Ен-Ен.
Претседателот Си Џинпинг му рекол на Бајден дека и САД и Кина имаат одговорност за обезбедување на мирот и дека не е заинтересиран за ескалација на конфликтот. После тоа, сепак, Белата куќа соопшти дека нејзината загриженост за можната интервенција на Пекинг не е намалена.
„Кај нас уште постои загриженоста“, рече портпаролката на Белата куќа Псаки. Претседателот објасни какви ќе бидат импликациите и последиците доколку Кина ѝ обезбеди материјална поддршка на Русија додека спроведува брутални напади против украинските градови и цивили, додаде Псаки.
Целта на Бајден во директниот разговор со Си беше делумно да утврди што точно мисли кинескиот претседател. Тој не упати никакви конкретни барања до Си, рече Белата куќа, избирајќи наместо тоа да понуди поширок поглед на меѓународната ситуација.
„Кина треба самата да донесе одлука каде сакаат да застанат и како сакаат историските книги да ги гледаат нив и нивните постапки“, рече Псаки. „Тоа е одлука што треба да ја донесе претседателот Си“.
Веќе САД ги предупредиле европските и азиските сојузници дека Кина изразила отвореност да и пружи воена и финансиска помош на Русија, која Москва ја побара додека нејзината инвазија се протега веќе трета недела. Но, официјалните лица рекоа дека Пекинг сè уште формулира како да одговори, зголемувајќи го влогот за интервенцијата на Бајден со видео повикот.
„Светот не е ниту мирен ниту спокоен“, призна Си. „Украинската криза е нешто што не сакаме да го видиме.
подготви: М. М.