Ристо Стефановски, театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар и долгогодишен директор на Драмски театар Скопје, почина денеска на 94 години, соопшти Театарот. Стефановски беше директор на Драмски 26 години, од 1957-1983, всушност темелот на градењето и создавањето на новиот македонски современ театар
Стефановски остава траен белег во македонската театарска сцена, преку своите дејсствувања како раководител на култните театарски институции – но и како писател кој во своите дела ја извезува нишката на македонскиот театар.
Од пролетта 1957 раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар. Го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977. Во меѓувреме, дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија. Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Автор е на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“, и меѓудругите на „Летопис на македонската драма и театар“,„Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“ и други.
Ристо Стефановски е култна светла точка на Македонското театарско небо, и е архива за секој здив испуштен на македонските даски.
Според драматургот Јордан Плевнеш, Ристо Стефановски бил личност кому театарот му е животно занимање и го смета за еден од најнеуморните трагачи низ историјата на театарската уметност во земјата, кој преку систематско истражување има напишано хронолошки трудови за театарот којшто се протегаат од антиката, римско, византиско, отоманско време и зачетоците на битовата драма, па сè до современите тенденции на македонскиот театар.
Театарскиот режисер Владо Цветановски за неговиот театарски времеслед има забележано :
„Ристо Стефановски поминува низ точките на историјата на македонскиот театар, не обидувајќи се да ни го раскаже неискажливото чувство за одредениот сценски настан, но грижливо ги опишува специфичните околности кои довеле до одреден сценски резултат. Низ податоци, факти, низ општествени превирања, низ драматичните мигови заробени во фотографии, низ реакциите на официјалните рецензенти, на цензорите во партиските ќелии, на верификацијата на настанот низ бројот на гледачите… Нам како на читатели на оваа хронологија ни останува вообразбата, моќта за претпоставка, ако сакаме да дознаеме каква била емотивната енергија што одредениот театарски настан го произвел кај гледачот
Големите театарски дејци полека заминуваат од Македонскта сцена оставајќи аманет за да се негува и величи театарот како таков, бидејќи преку него не само што се учи емпатијата, се учи животот, се учи емоцијата.
Ристо Стефановски замина во вечноста оставајќи печат и траен белег врз македонската култура.
В.К







