Комисија за економски прашања денеска ги усвои Предлог на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РЕКВУ) за 2022 година и Предлог на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на РЕКВУ за 2022 година, во рамки на 10-тата седница.
За пратениците од опозицијата, финансискиот план на Регулаторна комисија за 2022 година, е неиздржан во услови на енергетска, пандемска, мигрантска и топлинска кризна состојба во државата, а регулаторите си дозволуваат највисок износ на расходни во однос на претходните години, трошоци кои ќе бидат платени од буџетот, односно со народни пари.
Претседателот на Комисијата од редовите на СДСМ, Диме Велковски, рече дека договори за интелектуалните услуги се потпишани со Електро-техничкиот факултет, МАНУ и Машинскиот факултет и дека таа соработка е уште кога е основано регулаторното тело.
„Ние ќе разговараме на крајот од годината колку е потрошено. Вие ги читате само едните бројки, но не и другите. Во 2021 година, регулаторното тело предвидело да потроши за електрична енергија околу милион денари, а потрошило околу 770 илјади денари. Оваа година има ставено околу милион и 400 илјади денари и по истата логика, нема да се потрошат сите предвидени средстава, туку можеби околу милион денари“, рече Велковски, кој потенцира дека обично се предвидуваат повеќе средства од тие што ќе се потрошат.
Тој истакна дека Регулаторната комисија не предвидела нови ставки во финансискиот план за 2022 година и оти се работи за истите ставки, кои се предвидуваат секоја година./МИА/