„Кога говориме за децата кои се припадници на малите етнички заедници, учењето на мајчин јазик е важен услов за намалување на разликите во образованието. Преку остварување на правото на образование на мајчин јазик од најрана возраст, се подобруваат исходните резултати од учењето, се поттикнува интересот за учење и знаење кај децата, се зголемува самодовербата на децата и нивната креативност. Затоа и ова е еден од стратешките приоритети на МОН – обезбедување на образование кое е од најдобар интерес на секое дете и овозможува секој ученик да го достигне својот потенцијал“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, за време на завршната конференција на проектот „Образование на помалите етнички заедници“.
Проектот се спроведуваше во изминатите 4 години од страна на Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, со поддршка од МОН. На конференцијата беа презентирани клучните резултати на проектот, кои како што рече министерот, ќе бидат драгоцен ресурс во унапредувањето на образовниот систем во Република Северна Македонија.
„Денес, 8.300 ученици во Северна Македонија посетуваат настава на турски јазик во основните и средните училишта, 150тина на српски јазик, а 270 на босански јазик. Образованието на мајчин јазик за овие етнички заедници постојано се унапредува, а се зголемува и опфатот на ученици, што значи подобрување на инклузивноста и меѓуетничката интеграција во образованието“, рече министерот.
Тој додаде дека живееме во држава со етнички, културни и верски разноликости и дека училишното образование со настава на јазиците на малите етнички заедници е услов за остварување на нивните демократски права и за развој на инклузивно граѓанско општество, но исто така е важно и за зголемување на нивната видливост и гласност.
„Тоа е вистинскиот пат за заеднички соживот во услови на повеќејазичност, плурикултурност и мултиетичност. Истовремено и можност повеќебројните етнички заедници да стекнат знаења за нивната култура и историја“, потенцираше Шаќири.
Препознавајќи ги различностите како богатство на државата, Владата и МОН напорно работат за нивна заштита и промовирање. Никаде ова не е поочигледно отколку во образованието, кадешто наставата се изведува и на јазиците на малите етнички заедници.
Министерот информираше за неколку активности кои се спроведени во изминатиот период за унапредување на наставата на мајчин јазик за помалите етнички заедници.
„Со новата Концепција за основно образование, чија примена почна од оваа учебна година во прво и во четврто одделение, одговоривме на предизвикот за обезбедување материјали за учење согласно новите наставни програми, на босански, српски и турски јазик. Тие ги описменуваат децата на јазикот со кој израснале, овозможувајќи им да го развиваат сопствениот јазичен и културен идентитет, и со јазичната комуникација да го пренесуваат културното наследство и културата на живеење“, нагласи министерот.
Рече дека за подобрување на компетенциите на наставниците беа организирани обуки, а училиштата каде се изведува настава на јазиците на малите етнички заедници рамноправно добија дидактички материјали и смарт табли. Исто така и вложувањата во образовната инфраструктура подеднакво ги опфатија сите општини, урбани и рурални средини, независно на етничкиот состав на населението.
„Сакам да Ве уверам дека како министерство продолжуваме со унапредување на квалитетот на образованието, а овој проект покажува дека не сме сами во стремежот да се крене на повиско рамниште образованието на малите етнички заедници“, истакна Шаќири.
Проектот „Образование на помалкубројните етнички заедници“ се спроведуваше во периодот 2019-2022 во 10 основни училишта со настава на турски, српски и босански јазик.