Владата ја разгледа и Информацијата во врска со Планот за производство на АД „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост за период од 1-15 април 2022 година.
Донесена е одлука за продолжување на мерката со која дополнителните количини на електрична енергија во износ од 160 МW ќе се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 00:00 часот наутро до 24:00 часот со полна моќност, во периодот од 1 април 2022 година до 15 април 2022 година.
Согласно оваа мерка, АД „Електрани на Северна Македонија” – Скопје ќе ја откупува целокупната произведена електричната енергија на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, согласно правата и обврските меѓусебно утврдени со склучен Договор за купопродажба на електричната енергија.
На денешната седница Владата ја донесе Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште.
Со Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, чиј преглед за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, се заменува со нов Преглед.
Предвиден е повисок износ на надомест (30 пати поголем од до сега предвиденото) за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена: предвидено колективно домување со актите за планирање на просторот кое не е реализирано, комерцијални, деловни, стопански, производни и објекти наменети за спорт и рекреација.
Предложената измена се врши поради зголемената пазарна вредност на градежното земјиште во однос на вредноста на градежното земјиште во 2005 година, кога стапи во сила Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.
На денешната седница, министрите го разгледаа и усвоија Предлогот за воспоставување на нови кредитни производи согласно економските мерки на Владата за заштита на потрошувачите и компаниите погодени од енергетската и економската криза, преку Развојната банка на Република Северна Македонија.
Владата го разгледа и усвои текстот на Предлог-законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС).
Спогодбата е со цел да се овозможи олеснување на трговијата за економски развој и воспоставување поблиски трговски односи. Спогодбата се применува на овластени економски оператори (ОЕО), кои добиле одобрение според Програмите за ОЕО на двете држави.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше усвоена Предлог-Програмата за изменување на програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година со цел прилагодување на делот со кој се уредуваат активностите за учество на саеми и саемски манифестации вон Република Северна Македонија, во соработка со економските и социјалните партнери на ресорното министерство.
Исто така, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Република Албанија, Советот на Министри на Босна и Херцеговина, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија и Владата на Република Словенија во врска со аранжманите на земјата домаќин за статусот на Постојаната организација на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и нејзиниот персонал.
Во оваа насока беше прифатен текстот на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Република Албанија, Советот на Министри на Босна и Херцеговина, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија и Владата на Република Словенија во врска со аранжманите на земјата домаќин за статусот на Постојаната организација на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и нејзиниот персонал, со овластување министерката за одбрана Славјанка Петровска, во име на Владата на Северна Македонија да го потпише Договорот.
На денешната седница беше разгледана и усвоена првата Стратегија за развој на верскиот туризам и поддршка на активните манастири 2022-2026, предложена од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ).
Со Стратегијата се определуваат правците на развојот на верскиот туризам, кој директно ќе влијае на: зголемувањето на туристичкиот прилив од домашните и од странските туристи, засилување на верските туристички потенцијали и туристичките агенции кои работат во оваа област, засилување на соработката на верските заедници во државата и подобрување на економската состојба на државата.









