Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел предлага на руските војници кои одбиваат да учествуваат во непријателствата во Украина да им се обезбеди заштита и награда.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека руските војници кои не сакаат да се борат со Украинците не само што можат да се предадат и да си ги спасат животите, туку и да имаат корист од вистинскиот избор.
Според “Млада Украина“, тој ова го рекол на пленарна седница на Европскиот парламент.
Украинската влада нуди голема награда за нивната опрема и оружје, а земјите од ЕУ нудат нивна заштита и финансиска помош.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел предлага да се обезбеди заштита на руските војници кои одбиваат да ги извршуваат криминалните наредби на своите команданти во Украина. Многу земји претходно се изјаснија за наградување на руските војници кои се доволно паметни да не извршуваат криминални наредби.
„Имам порака до руските војници на бојното поле. Ако не сакате да учествувате во убиствата на вашите сестри и браќа од Украина, ако не сакате да бидете криминалци, фрлете го оружјето, престанете со битката, напуштете го бојното поле. И знам, дами и господа, кога им се обраќам на пратениците во Европскиот парламент, меѓу вас има и такви кои би понудиле заштита на руските војници кои не ги исполниле наредбите на нивните команданти. Според мене, ова е добра идеја која треба да се зајакне“, рече Мишел, обраќајќи им се на пратениците во Европскиот парламент.
Треба да се напомене дека Украина донесе законска одлука за плаќања на руските војници кои нема да се борат и сакаат да го предадат оружјето и опремата. Висината на надоместокот зависи од категоријата на воена опрема. Може да се добијат 1 милион долари за борбен авион ловец или воен брод и 100 илјади долари – за тенк или самоодно артилериско возило.
Како што објави “Млада Украина“, рускиот војник Миша, кој се борел против Украина, дошол до украинските специјални сили со тенк, ја предал оваа опрема и сам се предал. Еден руски војник од екипажот остана во тенкот, а останатите побегнаа дома.
Превод: Жорж Димовски