Под товарот на меѓународните санкции поради агресијата врз Украина, руската економија ќе може да функционира „нормално“ само уште неколку месеци, пишува изданието на руски јазик Медуза, со седиште во Латвија, повикувајќи се на свои извори.
Соговорниците на Медуза тврдат дека на крајот на март владините претставници му покажале на Путин пресметки за состојбата на руската економија. Според овие документи, според еден извор, „земјата нема да може нормално да живее под такви санкции“.
„Владата има состаноци со претставници на различни индустрии за иста содржина: старите залихи може да траат неколку месеци. Што ќе се случи понатаму, ако барем некои санкции не се укинат, никому не му е јасно. Или подобро кажано, јасно е дека сè ќе биде многу лошо. Ќе почнат инфраструктурните проблеми и транспортните проблеми“, изјави извор близок до федералниот кабинет.
превод Жорж Димовски