„Се подготвуваме во Кијив да ги примиме Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Заедничката работа во Кијив е нешто што ќе биде позитивно оценето од многу народи во светот. И не само во Европа. Затоа што сега Кијив е престолнина на глобалната демократија, престолнина на борбата за слобода за сите на европскиот континент“, истакна во своето обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Обраќањето го пренесуваме интегрално.
„Денес нема да ви одземам многу од вниманието. Денот беше многу информативен. Само накратко ќе ги поминам главните точки на мојата работа овој вторник, 41-от ден од инвазијата на Руската Федерација.
Ја продолжив својата активна дипломатска работа. Се обратив пред Советот за безбедност на ОН, кој се собра на специјален состанок за воените злосторства на Русија во Буча и воопшто на окупираните територии на Украина. Го кажав она што одамна требаше да се каже во овој формат.
Советот за безбедност на ОН постои, а безбедност во светот не постои. За никој. Тоа значи дека Обединетите нации во моментов не се во можност да ги извршуваат функциите за кои се создадени. А за ова е виновна само една држава – Русија која ги дискредитира и ОН и сите други меѓународни институции во чија работа сè уште учествува.
Па, како учествува… Се обидува да блокира се што е конструктивно и да користи глобална архитектура за да шири лаги и да го оправда злото што го прави.
Сигурен сум дека светот го гледа тоа. Се надевам дека светот ќе донесе заклучоци. Затоа што ако не ги донесе, ќе остане само една институција во светот која ќе ја гарантира безбедноста на државите. Имено – оружјето.
Им предложив на членките на Советот за безбедност на ОН и на сите други држави кои го почитуваат меѓународното право, конкретни работи кои можат да ја променат ситуацијата. Вклучително, организирање на глобална конференција во мирниот Кијив за да се утврди како може да се реформира светската архитектура, со оглед на сето она што го прави Русија, која сè уште го зазема седиштето на постојана членка на Советот за безбедност на ОН, кое го доби од Советскиот Сојуз.
Исто така се обратив и пред Парламентот и народот на Шпанија. Држава која ја поддржува нашата борба за слобода и за зачувување на демократијата во Европа.
Денес разговарав и со Претседателот на Француската Република Емануел Макрон за хуманитарната ситуација во привремено окупираните региони на Украина. За тоа како може сега да им се помогне на луѓето во блокираниот Мариупол. Исто така договорено е Франција да ја обезбеди потребната техничка и стручна поддршка во истрагата за злосторствата на руските окупатори во Буча и во другите градови на нашата земја.
Подготвуваме нов пакет моќни санкции против Русија за сето она што таа го направи против нашиот народ.
Сега е клучен момент, особено за западните лидери. И тука веќе не се работи за тоа како нашите ќе ги оценуваат новите санкции и што ќе кажам за нив јас. Ова се однесува на тоа како ќе се оценуваат одлуките за санкции во самите западни општества. По она што светот го виде во Буча, санкциите против Русија мора да бидат сразмерни на тежината на воените злосторства на окупаторите. Ако после тоа руските банки сè уште ќе можат да функционираат како и обично… Ако после тоа транзитот на стоки во Русија продолжи како и обично… Ако после тоа земјите од ЕУ ќе и платат енергија на Русија како и обично… Тогаш политичката судбина на некои лидери веќе ќе се развива не како и обично. На сите им советувам сега да почувствуваат дека моментот е навистина важен.
Во блиска иднина во Кијив се подготвуваме да ги примиме Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Заедничката работа во Кијив е нешто што ќе биде позитивно оценето од многу народи во светот. И не само во Европа. Затоа што сега Кијив е престолнина на глобалната демократија, престолнина на борбата за слобода за сите на европскиот континент.
И сакам да им се заблагодарам на сите наши бранители, на сите наши бранителки што го овозможија ова. За фактот дека Вооружените Сили на Украина ги држат повеќето области во кои непријателот се обиде да влезе во земјата.
Најтешко, како и претходните денови, во Донбас, во насока на Харкив. Но, ние продолжуваме да правиме се за да се осигураме дека нашите бранители, нашите бранителки, имаат со што да ги запрат руските трупи.
Свесни сме дека окупаторите се побројни. Дека имаат повеќе техника. Знаеме за обиди на руските раководители да регрутираат нови будали низ Русија од кадети во воени училишта, луѓе со борбено искуство и регрути зада ги испратат сите на колење во уште една офанзива.
Но, ние немаме друг избор – се решава судбината на нашата земја и нашиот народ. Знаеме за што се бориме. И правиме се за да победиме.
Денес во палатата Марински им ги врачив ордените „Златна ѕвезда“ на воените лица на Вооружените Сили на Украина, на кои им беше доделена титулата Херој на Украина и на членовите на семејствата на војниците на кои постхумно им беше доделена оваа титула.
Сега токму во палатата Марински, во Белата сала, каде што секогаш примаме странски шефови на држави, ќе се одржуваат вакви важни церемонии. Секој пат ќе демонстрираме дека нашите бранители и бранителки заслужуваат почит и чест на највисоко ниво.
А Белата сала на палатата Марински отсега ќе се нарекува Белата сала на Хероите на Украина. Исто така, го предадов Орденот за храброст на семејството на починатиот фоторепортер Макс Левин, кој жестоко беше убиен од окупаторите во Кијивската област. Во текот на својот живот тој даде значаен придонес за сите да видиме и да знаеме што се случува во нашата земја.
Веќе традиционално, пред да го снимам вечерното обраќање, потпишав укази за доделување на државни награди на нашите војници. На 292 воени лица, од кои 57 постхумно.“