пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Мицкоски, прикриениот либерал, преоблечен во „вмровска кожа“, ја хушка вечерва младината на ВМРО-ДПМНЕ – на нивниот партиски роденден – да се борела за своите вредности за кои верувала, а сите знаат дека идеите ќе бидат на Мицкоски, а главите и телата ќе бидат на младината.
Односно, Мицкоски ќе одлучува во манирот на Груевски, а младината ќе клима со главчето и вее со знаменцето. И тоа е сета „вредност“ и „идеја“ која Мицкоски ја бара од нив, таканаречената „прогресивна младина.“ Идеите наши, главите ваши, тоа Мицкоски сака на својата младина да им каже.
А што се однесува дека Мицкоски и неговата партија за која вели дека на Македонија ѝ била сопатник, повеќе би рекол дека тие на Македонија и се очув, одошто сопатник.
Зошто велам очув, а не сопатник? Затоа што Мицкоски и неговата котерија не ја гледаа Македонија како сопатник кога се решаваше судбината на пописот, затоа што не ја гледаше Македонија како сопатник кога требаше луѓето да се вакцинираат, затоа што Мицкоски Македонија не ја гледаше кога требаше да се промовира пријателство и мир со Бугарија, туку дополнително правеше раздор, се закануваше и ги сметаше Бугарите за душмани кои ќе ни го негирале идентитетот и јазикот.
Само пусти лаги, хистерија и лудила од вмровски поединци кои ги проектираат на цела нација…
Всушност каква е оваа порака на Мицкоски кон младината? За младината не мислеа кога упропастуваа човечки судбини во времето кога беа на моќ, кога ја практикуваа власта. За младината не мислеше Мицкоски кога го советуваше Груевски дека треба да се влегува во Собранието и да се капат глави на пратеници?
Тука младината им е потребна: да хушка, да биде тело на кое Мицкоски ќе може да ги проектира своите сулуди идеи за Македонија. И младината е тука да ја подметне својата глава, многу да не препрашува, а за таа жртва, лидерот ќе ги награди со селфи и ветување дека тие се прогресивни младинци чие време само што не дошло.
Додека не дојде тоа време, идеите ќе бидат на Мицкоски, а главите на сите останати.
Нема друга подлабока порака од роденденот на младината во која Мицкоски е шеф, а младиот треба да биде млад. Мицкоски е тука со нив да владее, а тие приказни во кои тие ќе бидат млади и ќе се борат за своите вредности, тоа е најобична успаванка за дечиња во претшколска возраст.
Мицкоски води агресивна етнонационалистичка партија. Тоа значи дека има презир кон соседите, има презир кон малцинските групи, и тоа е партија која обожува авторитарци и тирани. Далеку е таа партија и нивниот лидер од еманципација и вредности.
На крајот на краиштата, лидер што се фали со селфи со Орбан на Фејсбук, заколнат пријател на Путин, очигледно е дека таа младина опасно застранила и во вредностите и во идеите за Македонија.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.