Утре во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, уметникот Зоран Кардула, ќе се претстави со досега не изложувани 13 дела од неговиот богат уметнички опус.
Кардула во изјава за ФРОНТЛАЈН, вели дека ова е негова прва изложба во Тирана и се радува дека токму за Денот на уметноста, за прв пат ќе се престави на албанската публика
15-ти април е денот на уметноста и на мое задоволство токму на тој ден ќе биде отворена мојата изложба во Македонскиот културен центар во Тирана. Поканата дојде од директорот на центарот Златко Ориѓански, со кого веќе имав неколку соработки поврзани со активности на центарот. Ова ќе биде моја посета на Албанија и се радувам дека за прв пат ќе се преставам на албанската публика, вели Кардула.
Тој нагласува дека изложбата содржи 13 дела, дигитални илустрации на темата која со години ја работи, односно портрети на жени и некој маж како што кажува и името на самата изложба – „The famales and few males“.
Тоа се илустрации кои ги работев последната година. Досега не се изложувани и искрено се надевам дека ќе го привлече вниманието на албанската публика, вели Кардула за Фронтлајн.
Првиот човек на Македонскиот културен центар во Тирана, Златко Ориѓански во видео порака од Тирана, вели дека Кардула е врвен артист и е среќен што ќе му биде домаќин.
Многу сум среќен што Зоран ќе дојде овде затоа што сметам дека е еден од најголемите артисти што изминативе седум-осум години сум ги сретнал. Се обидов да направам сè што треба тоа да биде добро, да биде светски, рече Ориѓански.
Мислам дека ќе биде една многу убава и топла вечер, вели во видео пораката директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, Златко Ориѓански.
Јане Ѓорѓиоски