Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и деканот на Филозофскиот факултет при УКИМ Ратко Дуев, денеска потпишаа Анекс кон Меморандум за соработка помеѓу Филозофскиот факултет и Министерството за труд и социјална политика, јавува МИА.
Потпишувањето на овој документ претставува продолжување на воспоставената соработка и нејзино проширување преку апликација и имплементација на заеднички проекти, подобрување на стандардот за студирање на студенти, особено од маргинализирани групи, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
-Очекувам плодна соработка помеѓу институциите, со која ќе создаваме кадри кои ќе можат успешно да се пласираат на пазарот на трудот. Соработката е во насока на зајакнување на сите аспекти на функционирањето на факултетот заедно со министерството, истакнала министерката Тренчевска.
Потписниците на анексот кон Меморандумот, изразиле уверување дека неговото потпишување ќе овозможи вистинска соработка на сите полиња за кои се склучува, соработка на полето на стручни лица од практиката, пракса за студентите, заеднички проекти. Притоа, истакнале дека, соработката ќе се остварува со цел оовозможување на подобро образование за секој студент на Филозофскиот факулет.
Меморандумот за соработка се однесува на областите социјална политика, социјално осигурување, социјална заштита, социјална работа, детска заштита, семејна работа, работни односи и вработување, образовна и социјална вклученост, специјална рехабилитација и едукација, родова еднаквост, како и не-дискриминација, еднакви можности и европска интеграција.