Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање прашува – Дали се христијани овие луѓе кои вчера продолжија да ги гранатираат украинските градови и заедници? Кои го гранатираа Чугуив од Харкивската област. Кои на Велигден убија уште две деца во Донецката област – девојчиња на возраст од пет и четиринаесет години.
Обраќањето го пренесуваме во целост:
„Вчера христијаните од источниот обред го славеа Велигден. Традиционалниот поздрав „Христос воскресе!“ се слушаше и во Русија. Но, дали овие зборови таму го имаа истото значење како и во целиот православен свет?
Русија ѝ го „честиташе“ Велигден на Украина со воздушна закана речиси низ целата наша земја, со ракетен напад врз Полтавската област и со ракетен напад врз Кременчук. Зошто беше потребен овој удар на Велигден? Не постои такав воена закана од која тоа би можело да ја заштити Русија. Ова е само намерно уништување на животот во Украина. Уништување кое не престана ниту на најголемиот православен празник.
Па дали се христијани овие луѓе кои вчера продолжија да ги гранатираат нашите градови и заедници? Кои го гранатираа Чугуив од Харкивската област. Кои на Велигден убија уште две деца во Донецката област – девојчиња на возраст од пет и четиринаесет години.
Убивањето деца, уништувањето животи, прикривањето со цинични и тотални лаги на она што е направено против мирните градови – сето она што Русија го прави на територијата на Украина – дефинитивно не е христијанство. На ова се спротивставуваше Христос.
А не се христијани луѓето кои повторно одбија да отворат хуманитарни коридори од Мариупол. Не се христијани луѓето кои снимале пропагандни извештаи во окупираните региони на Украина за дистрибуција на наводни хуманитарни велигденски комплети. Згора на тоа, сите знаат, вклучително и во Русија, дека до 24 февруари, сите Украинци во сите делови на Украина имаа можност слободно да го слават Велигден во која било црква и без никакви „хуманитарни“ комплети.
Не се христијани тие луѓе кои се обидуваат да изградат брутален окупациски режим во окупираните области на Херсонската и Запорижската област, држејќи луѓе како заложници, измачувајќи луѓе. Оние кои не дозволуваа луѓето да ја напуштат окупираната територија и на Велигден им се закануваа со смрт.
На Русија и беше понуден Велигденски прекин на огнот. Но, православниот свет виде дека за руските напаѓачи Велигден не значи ништо. За нив тоа е само црвен датум во календарот, кој бара посебни зборови, посебно однесување, но не она што се нарекува вера, а не она што се нарекува христијанско добро.
Руската армија го направи овој Велигден црвен не само формално на календарот, туку и црвен од крв. Христијаните не би направиле нешто такво имајќи можност да склучат мир.
Да држиш свеќа во храмот не значи да си христијанин. Јадењето, па дури и светењето на паските секоја година не е доволно за да се биде човек, да се биде христијанин.
И благодарен сум им на сите наши полицајци, на сите вработени во Службата за безбедност на Украина, на сите кои беа одговорни за безбедноста на Велигден, што вчера не дозволија никакви провокации. Сето она што руските пропагандисти го најавија ден претходно.
Вооружените сили на Украина ги одвраќаат нападите на руските трупи во клучните области. Во Харкивската област – во насока на Изум, во Донбас – особено кај Попасна, во Мариупол, каде отпорот на бранителите на градот продолжува, во јужните области, каде окупаторите се обидуваат да тргнат во офанзива.
Воздушен аларм утрово повторно имаше на речиси целата територија на нашата држава. Областите на Виница, Ривне, Лвив, Одеса – ракетна закана. Русија не престанува да се обидува да го скрши нашиот отпор за да … Да постигне што?
Во окупираните подрачја или веќе се случи хуманитарна катастрофа или останува многу малку време до истата. Недостигаат основни производи, недостигаат лекови. Луѓето немаат средства да живеат нормално, немаат основна безбедност. Немаат се што имаа до 24 февруари. Што имаа во Донецк и Луганск до 2014 година. Сето тоа што ние задолжително ќе го вратиме по ослободувањето на нашата земја.
Продолжуваме да правиме се за да ги истераме окупаторите и да го обновиме мирот на целиот наш народ. Клучен елемент на овој процес е силата на Вооружените Сили на Украина. Достапноста на доволно количество и квалитет на оружје, доволно количество и квалитет на муниција.
Помошта за Украина беше прашање број еден во разговорите со претставниците на Соединетите Американски Држави, кои вчера пристигнаа во Кијив – државниот секретар Ентони Блинкен и Министерот за одбрана Лојд Остин. Нашите разговори со нив беа доволно долги – повеќе од три часа – и значајни. Охрабрувачки и, што е најважно, ефективни.
Благодарен сум му на народот на Соединетите Американски Држави и лично на Претседателот Бајден за силната и искрена поддршка што ја добиваме. Тоа се реални работи кои ја зајакнуваат не само нашата држава, туку и демократијата во целина.
Ние го делиме истото разбирање со Соединетите Држави: кога демократијата победува во една земја, таа победува низ целиот свет. Кога се брани слободата во една држава, таа се брани во целиот свет.
Со американската страна се договоривме за понатамошни чекори за зајакнување на Вооружените Сили на Украина и исполнување на сите приоритетни потреби на нашата армија. Меѓу другото, ова се однесува и на подготовките за големиот министерски состанок во Германија во вторник, на кој ќе учествуваат четириесетина министри за одбрана од земјите партнери. Клучното прашање е заштитата на Украина, заштитата на слободата во Источна Европа.
Се разговараше за начините за зајакнување на санкциите. Фактот што Русија не бара мир и демонстративно убива дури и на Велигден покажува дека е потребен поголем притисок со санкциите. Неопходно е да се блокираат сите можности Русија да ги заобиколи санкциите. ПЗатоа, им предадовме на нашите партнери посебен план за зајакнување на санкциите против Руската Федерација, развиен од меѓународна експертска група предводена од Андриј Ермак и Мајкл Мекфол.
Посебна точка на разговорите е финансиската поддршка за Украина. Кога тиранијата има огромни финансиски средства од извозот на нафта и гас, прашањето за финансиска поддршка за слободата станува витално. Слушнав целосно разбирање за оваа позиција од американските пријатели. Не само во контекст на помагање на Украина сега, за време на војната, туку и за повоена обнова.
Продолживме да дискутираме за безбедносните гаранции за Украина. Убеден сум дека САД можат да бидат лидер меѓу идните земји – гаранти на безбедноста на Украина. Главната цел за сите нас е да ги направиме Европа и светот побезбедни по војната, да се осигураме дека безбедносната архитектура функционира во случај на какви било нови закани.
Со задоволство слушнав од нашите пријатели дека Амбасадата на Соединетите Држави ќе се врати во Кијив во блиска иднина. Ќе има и именување на нов американски амбасадор во Украина. Ова е многу корисен гест на поддршка за нашата држава.
Одржав важен разговор со турскиот Претседател Ердоган. За ситуацијата во Мариупол и потребата од евакуација на цивили и повредени, потребата од итна размена на блокираните украински војници.
Разговаравме за преговарачкиот процес со Русија, одбранбените прашања. Детално се осврнавме и на заканите за светскиот пазар на храна предизвикани од Русија, која ги блокираше нашите црноморски пристаништа.
Зголемените цени на храната веќе достигнаа критични нивоа во многу земји. Но, ова е само почеток. Ако Русија не бара мир, прашањето за безбедноста на храната во многу земји ќе стане прашање на физички опстанок за милиони луѓе и, следствено, на стабилност на државните системи.
Сè повеќе политички лидери ширум светот се свесни за оваа закана. Па, очекуваме поголем притисок врз Русија.
На Претседателот на Франција Макрон му честитав за изборната победа. Разговаравме со Претседателот ноќе. Украина секогаш ќе ја цени неговата поддршка, секогаш ќе биде благодарна за помошта на Франција. Убеден сум дека заедно со Франција, заедно со Претседателот Макрон, ќе можеме да направиме многу, многу повеќе за да ја заштитиме нашата заедничка слобода, нашата обединета Европа.
Доцна синоќа, по сета надворешна политика, потпишав важни укази за наградување на нашите херои. На 188 воени лица на Вооружените Сили на Украина и на петмина вработени во Службата за безбедност на Украина им беа доделени државни награди на Украина.
Титулата Херој на Украина му беше доделена на полковникот Чајук Денис Валентинович, заменик командант на 128-та одделна планинско-нападна бригада, за личната храброст и ефективност во битките со окупаторите, за уништување на непријателската опрема и жива сила.“