По неколкуте ITF турнири од категоријата W25, нашата најдобра тенисерка се пријави за турнирот во Загреб којшто е од многу посилната W60 категорија.
Во игра на двојки нејзина партнерка на овој турнир е Ирина Кромачева од Русија. Тие денеска во полуфиналниот меч на турнирот за противнички ги имаа најголемите фаворитки за освојување на титулата, Кнол од Швајцарија и Миту од Романија. Со одлична игра Ѓорческа и Кромачева направија големо изненадување и извојуваа лесна победа во два сета (6-2 : 6-3). Колку е вредна оваа победа нека потврди и фактот што Швајцарката Кнол и Романката Миту позади себе имаат многу настапи на сите 4 гренд-слем турнири, а на светската ранг листа беа рангирани на 40-тото и 69-тото место.
Со победата во полуфиналето, Ѓорческа веќе обезбеди пласман во 200 најдобри тенисерки на светот во двојки, а со евентуална победа во утрешното финале би бил направен уште еден убав скок на WTA листата.
Ѓорческа и Кромачева во финалето ќе играат против чешко-украинската двојка Детлук/Заватска.
А. Лукароски