Цивил во соопштението по повод Денот на работниците, им го честита 1 Мај на сите работнички и работници во Република Северна Македонија и во светот. Според Цивил, овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се подобрат условите за работа и почитувањето на достоинството и правата на работничките и работниците.
„Синдикатите, граѓанските организации и политичките партии имаат обврска да покажат далеку повеќе искреност и посветеност во борбата за социјална правда и работнички права“ – потсетуваат од Цивил.
Според Цивил, од исклучителна важност за правата на работничките и работниците се синдикатите кои ги застапуваат работничките права. Во контекст на состојбите и настаните во нашата земја, Цивил ја алармира јавноста, а особено работничките и работниците за политичката злоупотреба на работничките права.
„Неприфатлива е спрегата во која дел од синдикатите и синдикалните лидери се ставени во функција на политичките амбиции на партиите и нивните лидери“ – порачуваат од Цивил.
Една од највидливите организации за човекови права во земјата, констатира дека „работничките права секогаш се загрозени во услови на кризи, како што беше случај со пандемијата, а во овој период и поради руската агресија врз Украина.“
„Кризите не смеат да бидат изговор за намалување на работничките права, туку нивно унапредување, на сметка на дебелите профити на капиталистите“ – се вели во соопштението на Цивил.
ЦИВИЛ ги повика политичките партии, Владата и Собранието да работат на дополнително менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување.
„Голем дел од работничките и работниците во Северна Македонија живеат и работат во тешки услови, неретко се без основни средства за заштита при работа, а се чести жртви и на мобинг на работното место. Жените работнички и самохраните мајки се во уште потешка положба“ – алармира Цивил.
Оранизацијата ја препознава политичката волја и реформите во доменот на социјалната правда и работничките права во последните години. Воедно, тие ги поздравуваат покачувањето на минималната плата и другите мерки во таа насока. Воедно, од Цивил порачуваат дека политиките и практиките за подобрување на состојбите во доменот на социјалната правда треба да продолжат и да се засилат, без оглед на сѐ.
„Во таа насока, сите чинители во општеството се повикани на солидарност и соработка, а не на политички опструкции“ – истакнуваат во Цивил.
Според Цивил, потребно е вклучување на целото општество: охрабрување на жртвите на кршењето на работничките права да го пријават секој случај на кршење на работничките и човековите права. Синдикатите да се реформираат и целосно да се насочат кон вистинска заштита на работничките права. Граѓанското општество и медиумите имаат важна улога во заштитата на човековите, а со тоа и на работничките права.
„Работничките права се човекови права! Среќен 1 Мај!“ – порачаа од Цивил во соопштението по повод Денот на работниците.