Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 кои се на самитот во Германија, повикаа на прекин на руската блокада на украинските пристаништа, објави англиското издание на Дојче Веле. Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, рече дека Русија води „војна со храна“ (food war) предизвикувајќи милиони тони жито да одат во отпад.
Говорејќи на собирот во Вајсенхаус кој се наоѓа во северниот дел на Германија, Баербок рече дека земјите од Г7 никогаш нема да ги признаат обидите на Русија да ги промени меѓународните граници преку војна.
Министрите од земјите на Г7 што учествуваат на самитот ветија дека ќе го зголемат притисокот врз Русија преку санкции и ја повикаа Кина да не ги поткопува меѓународните напори за изолирање на Москва.