Научниците ја снимија првата слика од црната дупка во центарот на Млечниот Пат, галаксијата во која живееме, достигнување во изработка со децении што нуди досега невиден поглед на најблиската супермасивна црна дупка до Земјата.
Овој огромен објект, наречен „Стрелец А*“ (Sagittarius A*), е четири милиони пати помасивен од Сонцето и се наоѓа на околу 27.000 светлосни години од Земјата во густиот и хаотичен регион во јадрото на нашата галаксија.
„Ова е првата слика од супермасивната црна дупка во срцето на нашата галаксија Млечен Пат“, истакна Сара Исаун, астрофизичар во Центарот за астрофизика Харвард и Смитсонијан, на прес-конференција.
„Со децении знаеме за компактен објект во срцето на нашата галаксија кој е четири милиони пати поголем од нашето Сонце“, додаде Исаун. „Денес, токму во овој момент, имаме директни докази дека овој објект е црна дупка“.
Револуционерната нова слика беше направена од телескопот „Event Horizon“ (EHT), мрежа на радио телескопи што ја опфаќа нашата планета, овозможувајќи и да го постигне нивото на висока резолуција неопходна за фотосесија на супермасивна црна дупка.
„EHT“ претходно направи хипнотизирачка слика од супермасивната црна дупка во центарот на Месиер 87, џиновска галаксија која се наоѓа на околу 55 милиони светлосни години од Млечниот Пат, која влезе во историјата и ја освои имагинацијата на јавноста како прва слика на супермасивна црна дупка некогаш направена, по нејзиното објавување во април 2019 година.
Бидејќи ништо не излегува надвор од границите на црната дупка, дури ни светлината, и двете слики ја прикажуваат само темната сенка во центарот на нивните галаксии, каде што се наоѓа црната дупка, која е заокружена со светлиот сјај на гасот што ги опкружува овие огромни космички објекти.
„Фотографирање на оваа црна дупка не би било возможно без голем телескоп со многу голема моќ на зголемување или аголна резолуција како што ние астрономите ја нарекуваме“, рече Томас Крихбаум, научник од Институтот за радио астрономија Макс Планк, на прес-конференцијата. „За да го постигнат ова, астрономите комбинираат радио телескопи лоцирани низ целиот свет за да создадат супер-телескоп со големина на Земјата“.
? Breaking news: Meet the Black Hole at the Centre of our Galaxy! Astronomers have unveiled the 1st image of the supermassive black hole at the centre of the Milky Way. The image was produced by a global research team @ehtelescope ?EHT Collaboration pic.twitter.com/xcB3qt4La4
— ESO (@ESO) May 12, 2022
„Со ова, „EHT“ постигнува аголна резолуција што е доволна за сликање на такви далечни црни дупки, а исто така доволна за материјата околу овие црни дупки“, додаде Крихбаум. „За да ви дадам идеја, „EHT“ може да види три милиони пати поостро од човечкото око, така што кога седите во Пивската градина во Минхен, на пример, може да се видат меурчињата во чашата пиво во Њујорк.
превод: M. M.