Работиме и на зајакнување на санкциите против Русија. Потребно е партнерите да носат неделни одлуки кои ги ограничуваат врските на Русија со светот. Окупаторите мора да го чувствуваат зголемувањето на цената на војната за нив, да го чувствуваат постојано, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање.
Обраќањето на Зеленски го пренесуваме интегрално:
„Завршува 81-от ден од нашата одбрана и почнува уште една недела деноноќна работа за Украина и за победа.
Оваа недела, како и секогаш, ќе има многу меѓународна активност во која ќе учествувам. Клучно е оружјето и финансиската поддршка за Украина. Финансии не само за да се одржи стабилноста сега, туку и за веќе да се започне со обнова на она што беше уништено од Русија.
Работиме и на зајакнување на санкциите против Русија. Потребно е партнерите да носат неделни одлуки кои ги ограничуваат врските на Русија со светот. Окупаторите мора да го чувствуваат зголемувањето на цената на војната за нив, да го чувствуваат постојано.
Сега приоритет е ембаргото за нафта. Колку и да се обидува Москва да ја спречи оваа одлука, времето на зависност на Европа од руските енергетски ресурси е при крај. И тоа нема да се смени.
Друга задача, која станува уште поважна како што војната трае подолго, е да направиме се што е можно за да го задржиме максималното внимание на светот кон нас, кон Украина. Информациите за нашите потреби треба да бидат во вестите на сите земји кои ни се важни. Мора да бидат таму постојано и секој ден.
Конкретно, за оваа цел – за поголема информативна и политичка поддршка на Украина – во понеделник ќе разговарам со студентите на водечките американски универзитети. Станува збор за 63 американски универзитети и два канадски универзитети, кои обединуваат стотици илјади студенти и се голема експертска и истражувачка заедница. Нивниот глас дефинитивно ќе ги зајакне нашите можности. За крајот на мај е планирано и посебно обраќање до студентите од Универзитетот Стенфорд.
Исто така, се подготвувам да разговарам со украински студенти од водечките универзитети во нашата земја. Во моето обраќање до нив ќе одговорам на некои важни, сложени прашања кои веќе постојат во нашето општество, а кои се веќе видливи. И очекувам длабоки прашања од нив, од нашите студенти.
Задолжително ќе продолжам да се обраќам пред парламентите на европските партнерски земји на Украина. Наша задача е статус на кандидат за членство во ЕУ за Украина, а подоцна – пристапување во Европската унија по брза процедура. Секоја држава е важна. Секој глас е важен. Подеднакво е важно да се има максимална согласност од европските земји за зајакнување на санкциите против Русија. Токму затоа во блиска иднина ќе се обратам пред Парламентот на Луксембург.
Патем, работиме и на проширување на географијата на ваквите специјални говори во парламентите во земјите на Африка и Азија.
За 23 мај е закажано обраќање до учесниците на форумот во Давос. Оваа година конференцијата ќе биде особено важна за нашата земја. Ќе се разговара за повоената обнова. Правиме се што можеме за максимално да ја добиеме поддршката од светот, а учеството на форумот во Давос е една од најдобрите можности за тоа.
Продолжуваме со многу тешки и деликатни преговори за да ги спасиме нашите луѓе од Мариупол, од „Азовстал“. Со ова прашање се занимаваме секојдневно. И најважно е договорите да се исполнат.
Очекуваме САД да донесат важни одлуки за нашата земја. Нов значаен пакет на поддршка и детална елаборација на обновената историска програма за Lend-Lease.
Се подготвуваме за нови обиди на Русија да го нападне Донбас, да го интензивира движењето на југот на Украина. Окупаторите се уште не сакаат да признаат дека се во ќорсокак и дека нивната таканаречена специјална операција веќе банкротирала. Но, задолжително ќе дојде моментот кога украинскиот народ ќе ги притисне напаѓачите кон нивното целосно препознавање на реалноста.
Колку и да се обидуваат да бидат „креативни“ во Херсон и Мелитопол, без разлика како ја прикажуваат својата наводна „моќ“ во окупираните области на Приазовје и Донбас, нивниот престој таму е посекако привремен. Таму посекако ќе има украинско знаме, украински закон, украински живот.
Денешните руски ракетни напади врз Лвивската област, гранатирањето на Гулјајполе, Северодонецк, Лисичанск, градовите и заедниците на Донецката област – сета оваа бруталност на окупаторите, која Украина ја доживува секој ден, само ќе доведе до фактот дека руските војници кои ќе преживеат ќе го земат ова зло назад со себе во Русија.
Ќе го земат затоа што ќе се повлечат. Така ќе заврши сета трескавична активност на руската војска, која ја гледаме сега. И јас сум им благодарен на сите Украинци и Украинки кои го приближуваат ова време“.