Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
На 17 мај 2015 година, според странските новински извештаи, се собраа 70-100 илјади луѓе на најголемиот граѓански протест во македонската историја. Без оглед на припадноста во било која смисла на зборот, етничка, верска, политичка, партиска, социјална, родова… Сите се собраа во непрегледна маса луѓе пред владата, да му кажат НЕ на режимот што крадеше, лажеше, тепаше и убиваше. Граѓанките и граѓаните на тој ден јасно порачаа: Никогаш повеќе режим!
Доаѓаме!
Тоа беше нашиот, заеднички Мајдан, бурен, но ненасилен, граѓански и разнобоен, громогласен и решителен. „Доаѓаме!“ – рекоа граѓанките и граѓаните тогаш и побараа слобода и демократија. Со сето шаренило, со сите разлики и различности, но со меѓусебна почит, поддршка и солидарност, тие рекоа НЕ. Му рекоа НЕ режимот на „началниците“ и на Груевски.
На 17 мај 2015 година, граѓанките и граѓаните дојдоа по својата слобода. На тој ден решително го отфрлија режимот кој се служеше со лаги и закани, предизвикуваше тензии и поделби, спроведуваше грабеж и насилство. Луѓето во тоа време веќе една деценија живееја во земја во која полицијата и судовите беа инструмент на страв, изнуда и закана. Веќе цела деценија беа тепани и влечени „за уши“ и беа бројки во големите изборни кражби. Владееше медиумски мрак и организиран грабеж на јавните пари. Непрегледните колони луѓе на 17 мај 2015 година навестија демократска пролет за земјата и нејзино враќање на светската мапа на прогресивни општества.
Тоа беше протест на кој немаше ниту едно партиско обележје, знамињата на сите етнички заедници се вееја покрај македонското државно знаме. Многумина ги врзуваа знамињата, за да испратат порака на заедништво и мир. На транспарентите беа испишани слогани на сите јазици што се говорат во земјата и со многу енергија и надеж.
Кампот на Слободата
Протестот на 17 мај 2015 година беше и почеток на 65-дневниот Камп на Слободата, кога илјадници луѓе останаа да кампуваат пред Владата. Тоа воедно беше најголемата и долготрајна колонија на уметници, интелектуалци и активисти што се одржала во земјава и многу пошироко.
Секој ден имаше концерти и диџејски забави со ангажирана музика, панел дискусии, говори и презентации, протестни маршеви, објавување „бомби“ од прислушуваните разговори, промоции на книги, ликовни работилници – живот.
Горд сум што учествував на протестот и бев дел од големото илјадно семејство во Кампот на Слободата. Тогаш ја промовирав и мојата поетска книга „Кој ќе ја плати сметката“, нашиот непрежален другар и колега одржа целодневна ликовна работилница „Боите на слободата“. Моите другарки и другари учествуваа на панел дискусии на кои говоревме за минатото, сегашноста и иднината, сè до 65-тиот ден на Кампот на Слободата, на 21 јули 2015 година. Пишувавме текстови, снимавме прилози, се дружевме… Стотици странски новинари беа заедно со слободарите, во шаторите, а вестите за мирниот граѓански отпор секојдневно го обиколуваа регионот и светот.
Благодариме што нè „слушавте“!
Се сеќавам, на 8 јуни, Зоран Заев се појави на малата сцена пред владата и ни подели папки со ЦД-а и транскрипти од прислушуваните новинари и невладини организации. Стотина новинари и првите луѓе на десетина невладини организации биле со години следени и прислушувани. Тогаш, на прашањето од една новинарка како се чувствувам по ова сознание, јас ѝ одговорив дека и претходно имав сомнеж дека власта будно „внимава“ на мене и на моите другарки и другари. Но и покрај тоа што знаев, чувството беше гадно. Кога на човека ќе му се загрози приватноста, тоа е како силување.
„Сакам да им се заблагодарам што, сепак, нè слушале. Мислевме дека воопшто не ги допираат нашите пораки, анализи и критики, дека не ги интересира нашата работа, но тие посветено слушале и снимале“ – ѝ одговорив на новинарката.
„Малата војна“
На протестот му претходеше „малата војна“ во кумановско Диво Насеље, крвав аларм кој режимот на Груевски се обиде да го искористи за да го одвлече вниманието од прислушуваните разговори што ги обелодени Зоран Заев во „Вистината за Македонија“. Со тоа, тој сакаше да го осуети големиот граѓански протест на кој се повикуваше веќе со недели во тоа време. Жестокиот судир меѓу полицијата и терористичката група заврши со осум мртви полицајци, десет мртви напаѓачи и тешки трауми за општеството.
Режимската пропаганда, користејќи го овој трагичен настан, направи обид да ги исплаши и подели луѓето, а по можност да предизвика и меѓуетнички судир. По својата злокобност, овој настан потсети и на еден разговор што беше обелоденет пред тоа, меѓу тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и архитектот на режимската пропаганда, Мартин Протуѓер:
Мартин Протуѓер: А војна да имаме?
Гордана Јанкуловска: А бе, ние, ако е за да покажеме кој е посилен, за еден саат ќе ги смачкаме.
Мартин Протуѓер: Мхм.
Но граѓанките и граѓаните не се исплашија. Дојдоа!