Францускиот претседател Емануел Макрон вчера во телефонските разговори со премиерот Димитар Ковачевски, со бугарскиот премиер Кирил Петков и со бугарскиот претседател Румен Радев посочил дека Северна Македонија и Албанија треба брзо да се поттикнат да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.
Премиерот Ковачевски во телефонски разговор со францускиот претседател Макрон, рекол дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, може да претставува безбедносен ризик за регионот.
Во меѓувреме, за првпат вчера Европската комисија се изјасни за временски рок за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, за време на презентацијата на извештајот на европратеникот Илхан Ќучук, јави дописничката на МИА од Брисел. Во име на Европската Комисија се огласи еврокомесарот Дидие Рејндерс, кој повика преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.
Претходно вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека во овој момент не постои документ што е заеднички прифатлив за двете страни и кој може да претставува основа за решение.
-Нема да има никави отстапки, со оглед на тоа дека разговорите и решението мора да се заснова на европски вредности, на меѓусебно почитување помеѓу политичарите, институциите и граѓаните од двете држави и задржување низ разговорите на достоинството на граѓаните на двете држави, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека европската интеграција на Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија.
– Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската Унија гледам дека го оправдуваат. Според мене, тоа е погрешно, бидејќи кога се зборува за историја, не се ветува ништо, туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години. Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого. Затоа сметам дека зборувањето за теми што ја засегаат иднината на државата се многу значајни и на таква основа треба да се водат сите разговори, рече Ковачевски на Самитот „Македонија 2025“.
На крајот, продолжи Ковачевски, треба да има прифатливо решение за двете држави, кое ќе биде основа за градење на добри меѓусоседски односи, меѓутоа и градење на иднината на регионот во ЕУ, додавајќи дека имаме Декларација изгласана во Собранието, поддржана од сите политички партии и таа е основа за нашиот преговарачки тим.
– Јас со датум не се врзувам од првиот ден кога станав премиер до денес. И првиот ден истакнав дека нас ни е потребно брзо решение, но не избрзано решение. Зошто брзо решение, бидејќи Северна Македонија 17 години има кандидатски статус и постои опасност за еден процес што е толку долг, да се намали довербата во него, не од страна на институциите, туку од страна на самите граѓани. Втора работа е што во услови на постојното, ново, после војната во Украина, геостратешко вложување во Европа, проширувањето на ЕУ не претставува само економско или политичко прашање, туку претставува и безбедносно прашање. И од таа причина сметам дека ЕУ треба час поскоро да одреди датум за отпочнување на преговори со Северна Македонија, изјави Ковачевски.
Во однос на изјавата на потпретседателот на Европската комисија Жозеп Борел, дека ако нема решение до крајот на јуни тоа ќе влијае на регионалната стабилност, Ковачевски потенцира дека сака да верува оти на тој начин и преку такви изјави ќе се влијае процесот да добие на интензитет.
Тој, заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ која вчера беше во посета на Скопје, порачаа дека „Отворен Балкан“ не е замена за европската интеграција, и изразија уверување дека и останатите држави од регионот ќе ги препознаат бенефитите на оваа иницијатива и наскоро ќе се приклучат кон неа.
За премиерот Димитар Ковачевски, иницијативата „Отворен Балкан“ е исклучително позитивен чекор за зголемување на перфомансите на економиите во регионот и за нивна поголема конкурентност, а разговорите за теми од минатото не носат бенефит за никого.
Коментирајќи ја изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, дека доколку до 30 јуни Северна Македонија и Албанија не ги почнат преговорите, регионот би можел да влезе во криза, Османи оцени дека „станува збор за криза на кредибилитет“.
– Сите анкети на јавно мислење покажуваат дека довербата дека ЕУ може да стои зад својот збор паѓа на земја, кај нас е падната на 9 отсто. Да не се разбереме погрешно, не е тоа поддршката за членство во ЕУ, таа е висока кај нас. Но, дали тоа што го збори Унијата може да го испорача, граѓаните ја губат довербата, а силата на европската порака е во довербата, потенцира Османи.
ЕУ, вели тој, го трансформираше регионот токму преку кредибилитетот на својата порака.
– Основната формула овие 20 години беше ако вие испорачате и ние ќе испорачаме. Ако се губи довербата во линкот меѓу „вие испорачувате, ние испорачуваме“, тогаш ослабнува влијанието на ЕУ во регионот, а во геополитиката вакуум нема, ако ослабнува едното се зајакнува другото. Без влијание не останува ниту еден регион во геополитиката и затоа Борел и сите се вознемирени бидејќи во засложништво е најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување. Е таа политика е ставена под заложништво и тука веќе не е само наша битка за европска судбина, туку битка за самата ЕУ, смета Османи.
Тој исто така оцени дека нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото, туку тоа е став на Европскиот парламент, додека одлуката за вето ја носи Советот на ЕУ.
– Работевме интензивно за текстот на оваа резолуција. Ако ги гледате почетните амандмани мислам дека голем дел од нив успеавме, заедно со наши поддржувачи пратеници во ЕП, да неутрализираме обиди за наметнување амандмани што беа доста провокативни. До крај на процесот не можеме да предвидиме што пратениците и различните групи може да прифатат, меѓутоа сме во постојан контакт. Таа резолуција го искажува ставот на ЕП, но не го утврдува или не го неутрализира ветото, односно нема влијание директно на самото вето, рече Османи.
Во однос на тоа каква дипломатска офанзива ќе се преземе во врска со овие амандмани, Османи кажа дека нашата амбасадорка во Брисел со целата мисија вчера била во ЕП на состаноци со секој од пратениците.
– Така правиме неколку месеци наназад бидејќи овој процес се разговара подолго време, дури и на АФЕТ имаше два амандмани кои за жал беа прифатени на самиот состанок, иако никогаш претходно не беа разговарани. Има и други два амандмани што се предложени, а кои ние сметаме дека се спорни, но ние не сме таму, бугарските пратеници се внатре во Парламентот ние се обидуваме од надвор преку контакти со наши поддржувачи да ги неутрализираме, рече Османи.
Тој повтори дека тоа ова нема да влијае на целиот процес, бидејќи не постојат дилеми со било кој друг, освен со Бугарија, и оти тој став не може да се наметне како европски став, но сепак треба да сме поактивни во тој дел за континуирано да ги објасниме нашите позиции.
Османи оцени дека сепак мора да се стави акцент дека резолуцијата во ЕП е позитивна резолуција, бидејќи, според него, таму јасно се вели дека билатералните прашања не треба да бидат дел од пристапниот процес.
Институтот за европска политика (ЕПИ) заедно со „Бранителите на граѓански права (Civil Rights Defenders) и членките на мрежата „Мисли за Европа“ (Think for Europe) вчера испратија отворено писмо до европратениците во врска со нацрт-резолуцијата за Извештајот на Комисијата за 2021 година за Северна Македонија.
Во писмото ги повикуваат пратениците да размислат за делови од резолуцијата и како што велат, условите поставени од Бугарија кои ќе имаат негативни импликации за македонскиот идентитет и ќе го поддржат ултиматумот што Бугарија го наметнува на земјава, користејќи го членството во ЕУ како алатка. Тие го поздравуваат фактот што предлогот за резолуција, како и претходните резолуции, повторно препорачува официјален почеток на пристапните преговори со Северна Македонија (став 5 и став 69), но посочуваат дека во неа има содржини кои целосно ја поткопуваат оваа позиција.
Тие го посочуваат и амандманот со кој што се воведува став 75-б, кој што повикува „на историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е предвидено со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, што според ЕПИ ќе го поддржи бугарскиот притисок да наметне сопствено толкување на историјата користејќи ја својата позиција како земја-членка на ЕУ.
Дополнително, текстот во став 79 имплицира и притисок врз Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба самостојно и професионално да ја извршува својата задача.
– Негирањето на македонскиот јазик доведе до блокирање на потпишувањето на Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) од страна на Бугарија. Предлогот за резолуција (став 40) ‘забележува дека договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) сè уште не е потпишан поради нерешени билатерални прашања’, но не ја наведува причината. Факт е дека Бугарија го блокира потпишувањето на Договорот, приговарајќи на употребата на македонски јазик, што покажува упорна негација на македонскиот идентитет. Ова не само што е спротивно на Договорот од Преспа, туку претставува сериозен ризик за заедничките интереси на ЕУ, Северна Македонија и регионот во ситуација на геополитичка криза, се вели во писмото.
Европската Комисија за прв пат вчера се изјасни за временски рок за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, за време на презентацијата на извештајот на европратеникот Илхан Ќучук.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во име на Европската Комисија се огласи еврокомесарот Дидие Рејндерс, кој го заменуваше Оливер Вархеји во Европскиот Парламент. По воведот на известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук, на неговата резолуција за земјата, Рејндерс повика преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.
-Земјите членки на ЕУ донесоа одлука во март 2020 да ги отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега е време да се испорача и официјално да се отворат со двете земји пред крајот на француското претседателство, изјави еврокомесарот.
Тој додаде дека ова е најсилниот сигнал што ЕУ може да му го испрати на целиот Западен Балкан.
Извештајот изразува поддршка за Скопје и Софија да најдат заемно прифатливо решение за отворените билатерални прашања и силно го поздравува политичкиот поттик за широка, конструктивна комуникација меѓу двете земји, барајќи нова заедничка основа во многу области од заемен интерес наместо дополнителни линии на поделба. /МИА/.