Во окупираниот град Мариупол, веќе се евидентирани 1.256 руски воени злосторства и тие се под истрага од страна на украинското обвинителство, изјави градоначалникот на Мариупол, Вадим Боиченко, пренесува Укринформ.
„Денес ги евидентираме сите злосторства извршени од руската армија и веќе самопрогласените лидери кои се декларираа на власт. […] Има многу злосторства во Мариупол. Околу 1.256 од нив се евидентирани и сите нив веќе ги истражува регионалното обвинителство и Јавното обвинителство. Односно, сете тие имаат знаци на воени злосторства“, рече градоначалникот.
Како пример, тој се присети на Драмскиот театар во Мариупол, кој беше бомбардиран од руските трупи и каде се засолнуваа цивили. Според Боиченко, за ова злосторство на руската армија има неколку сведоци и тие веќе даваат исказ.
Кога сме кај Драмскиот театар, има сведоци кои веќе сведочеа и претпазливо изјавија дека во Драмскиот театар имало повеќе од 300 луѓе. Тие процениле дека имало 300 и повеќе од 300 (мртви)“, рече градоначалникот.
На 16 март, руските напаѓачи фрлија бомба и го уништија Драмскиот театар во Мариупол, кој стотици луѓе го користеа како засолниште. Точниот број на загинатите во воздушниот напад останува непознат, но се верува дека стотици се убиени.
На 20 мај напаѓачите го завршија демонтирањето на урнатините и вадењето на телата од Драмскиот театар. Според советникот на градоначалникот, Петро Андриушченко, тие биле погребани во масовна гробница во селото Манхуш.
Руската агресија предизвика една од најголемите хуманитарни катастрофи во Мариупол. Градот бил речиси целосно уништен од непријателските гранатирања.
Во Мариупол моментално нема непречено снабдување со енергија, вода и гас. Околу 22.000 цивили загинаа во градот од почетокот на руската инвазија. Повеќе од 100.000 луѓе остануваат во блокираниот град, пренесува Укринформ.
Ј. Ѓ.