Озлогласениот руски платеник Владимир Андонов (44), познат и како „Џелат“, наводно е убиен. Според Sky News, тој бил убиен од украински снајперист во Харкив.
Андонов бил познат по бруталноста што ја покажа во претходните војни во Сирија и Либија, а во руската инвазија на Украина имал клучна улога во масовното пукање на украинските воени заробеници и егзекуцијата на цивили во регионот на Донбас.
– Владимир Андонов загина синоќа, заедно со неговиот пријател, при извидување на областа – објави рускиот весник „Московски комсомолец“. Веста за неговата смрт ја потврди и руската армија на Телеграма, наведувајќи дека најверојатно бил убиен од снајпер.
Андонов бил дел од организираната мрежа на немилосрдни платеници наречена Вагнеровата група. Московски Комсомолец пишува дека ликвидираниот платеник се борел и во специјалните сили во источниот регион Донбас кога Москва го окупираше Крим во 2014 година.
Покрај Андонов, Русите неодамна загубија и двајца генерали во ракетен напад во Украина – генерал-полковник Роман Бердников, поранешен командант кој ги предводеше руските сили во сириската војна и генерал-мајор Роман Кутузов беа убиени за време на викендот од заседа на украински војници на мост во Доњецк.
Руското Министерство за одбрана сè уште не ја потврди смртта на Бердников, ниту ликвидацијата на Кутузов.
Официјален Кијив тврди дека Украинците убиле најмалку десетина руски генерали, а Москва ја потврди смртта на четворица нејзини водачи од почетокот на инвазијата на 24 февруари. Русија не го ажурираше официјалниот број на воени жртви од 25 март. Во последниот извештај се наведува дека во инвазијата загинале 1351 војник.
Ј. Ѓ.