„Воените злосторства на Русија извршени од почетокот на нејзината инвазија од големи размери на Украина го шокираа светот. Егзекуциите на невооружени цивили, мачењата, силувањата, „филтрационите логори“ и нелегалните затворања се далеку од тоа да бидат исцрпна листа на злосторствата што го открија вистинското лице на „рускоста“, објавуваат од Украинската амбасада во Северна Македонија.
Нагласуваат дека всушност, тие се случуваат во последните осум години, откако Русија ја започна својата војна против Украина. За сето ова време, агресорот спроведуваше систематска репресивна политика на привремено окупираните украински територии во Донецката и Луганската област, како и во Крим и Севастопол, се наведува во објавата.
Од Амбасадата истакнуваат дека едно од најпознатите места на вакви злосторства е поранешниот културен центар „Изолјација“ во Донецк, кој е претворен во нелегален затвор и де факто во концентрационен логор откако беше заземен на 9 јуни 2014 година.
Документарното филмско сведочење „Светлиот пат“ за новинарот, писателот и поранешен политички затвореник Станислав Асејев, кој 28 месеци беше држен во заробеништво во „Изолјација“, дава повеќе веродостојни информации за нелегалните места за притвор како „Изолјација“ и тортурата таму.
„Ја повикуваме меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Русија се додека не се запрат нејзините злосторства и не се ослободат сите незаконски приведени лица. Исто така, повикуваме на поддршка за формирање на Специјален трибунал кој ќе ги истражи овие злосторства и ќе ги изведе сите одговорни пред лицето на правдата“, се истакнува во објавата од Украинската амбасада во Скопје.