Во организација и со финансиски средства од Општина Тирана, вчера вечер, се одржа голем концерт на двајца композитори, Фатос Керимај и Златко Ориѓански.
Првиот од Тирана, вториот од Скопје, секој со половина час своја музика, изведена од симфонискиот оркестар „Hybrid symphony“ составен од музичари од Атина, Тирана и Приштина.
Под диригентство на Керимај, оркестарот изведе дел од неговата филмска музика, а Ориѓански се претстави со дел од музиката за филмот „Пред дождот“ и музика пишувана за театарските претстави на Слободан Унковски.
Деновиве, пак, во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана настапи триото „Аперто“ од Скопје, а беше поставена и изложба на познатиот сликар, Мухамет Керпачи од Тирана, која е отворена до утре.
Настанот беше во организација на КИЦ на РСМ и винарија од Тирана. Посетителите уживаа во прекрасната изведба на класични познати музички автори, вкусовите на тиранското вино и сликите од мајсторот Керпачи.