Џунтинт во САД, по ланското славење, за вторпат се одбележува како федерален празник кога сојузните агенции и министерства, но и многу приватни компании не работат. Празникот досега главно се славеше само од Афроамериканците, јавува МИА.
Денот го одбележува крајот на ропството во САД пред повеќе од 150 години. Првпат беше прославен на 19 јуни 1866 година.
Една година претходно, на тој датум, поробените Афроамериканци во Галвстон, Тексас, дознаа за нивната слобода и дека Граѓанската војна во САД завршила два месеца претходно.
Тоа известување дошло повеќе од две и пол години откако претседателот Абрахам Линколн ја издаде Прокламацијата за еманципација со што се укина ропството во САД. Од 1866 година, денот се слави секоја година во Галвстон, при што свеченостите се проширија и во другите градови низ целата земја.
Празникот го добил своето име со комбинирање на месецот јуни и бројот 19. Датумот е познат и како Ден на јубилејот, Ден на еманципацијата и Ден на слободата.
Се одбележува со семејни собири, паради и фестивали.
Во 1980 година, Тексас стана првата држава што го одреди Џунтинт за празник. Оттогаш, сојузните држави во САД официјално го признаа како државен празник или како ден на одбележување.
Националниот интерес за тој ден се зголеми по сеамериканските протести во 2020 година по смртта на Џорџ Флојд предизвикана од полициско насилство.
Во 2021 година, Џунтинт стана 11. државен празник во САД, признат од Конгресот и потпишан во закон од страна на претседателот Џо Бајден.