пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
После Груевски, во релативен „политички мир“ и пристојност, лудницата повторно почнува да работи. Александар Николовски, пред некој ден, за телевизија „Сител“, вели: „Се повеќе ми личи дека Османи работи на тоа да почнат преговорите со Албанија, а за Македонија што биде нека биде“.
Приметувате што се случува во главата на Николовски? Османи е Албанец, па мора да работи за албанците, таа е тезата на Николовски. И, уште Николовски мисли дека Османи не работи за било кои албанци, туку работи за албанците преку граница. Вакво лудило, да ми простите, е неверојатно, пациентско и опако.
„Успехот“ во политиката, Николовски го бара во време на криза – типично за секој националист – и тогаш кога ќе опаднат сите критериуми во општеството. Не се сомневам дека вакви радикализирани реторики на „путинофилите од нашиот сокак“ нема и во Шведска. Има, се разбира. Има луѓе и во Шведска кои преку „шведството“ сонуваат за повторно освојување на Норвешка. Ама таквите типови или на крајна маргина или во лудница.
Едноставно, во повеќе-помалку здраво општество, втемелено на закон и морал, за лудачки идеи „нема проѓа“. Европските општества генерално земено го совладаа национализмот.
Да се темели нацијата на нација, претставува исто она што претставува и оној Минхаузенов обид за да се извлече сопственото тело од вода со сопственото влакно од коса. Во еден момент, во Европа се примети дека тој национализам, таа лажна религија, апсолутизирачка, го укинува доброто од злото, го замаглува исправното од погрешното. С è се втопува во бинарна логика. А во таков амбиент, играта ја предводат најлошите меѓу нас. Еден од тие најлоши експонати кај нас е фамозниот „Александар Николовски“. Не како личност, туку како феномен, како појава која тешко регресирала.
Еве, што Бујар Османи вели на гнасната клевета на Николовски: „Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите се обединети во одбрана на државните и националните интереси“.
Со тоа, Бујар Османи ни кажува дека е на државни позиции, инклузивен е, и работи за доброто на сите во земјата, а не работи за „албанците преку граница“, како што вели опако и претенциозно Николовски.
Ваквата логика на Николовски, рековме, на многу нивоа е сомнителна. Затоа што „шприца“ предрасуди не кон Османи, туку шприца предрасуди и недоверба кон Албанците дома; од друга страна, ги провоцира Албанците кои живеат во Албанија.
Приметувате ли како работи лудницата во ВМРО-ДПМНЕ? Секогаш провоцирање и „задртост“, единствено во служба на мобилизација на нивното гласачко тело. Така работи популизмот. За нив луѓето, нивните луѓе, се најобичен број. Никој таму нив за ништо не ги прашува. Нивната гласачка машинерија за нив е најобично тесто за месење.
Кога животот на луѓето не им вреди пет пари, „вмроовците“ ни го пуштаат Николовски да ни објасни како стојат работите „дома и во регионот“, тој човек е тука да ни објасни каква иднина не очекува ако некако успеат да се добарат до власт.
И тука, пријатели, гледате колку ВМРО-ДПМНЕ нема личен идентитет. Тоа не е партија на пристојни, одговорни и самостојни личности.
Знаеме дека национализмот е дар од небо за сите разбојници. Работата, за среќа, кај нас се упристои откако се ДУИ и СДСМ власт, ама се уште не сме извлечени од калта. Од која никнуваат секакави апсурди.
Ама против вакви типчиња како Николовски не може да има борба. Ваквите луѓе се без чест и образ, затоа што важно им е нивниот „положај“, вакви типови мислат единствено на сопственото позиционирање и критиката многу не ги засега.
Северна Македонија не може да биде сервис на племиња, туку држава за сите граѓани кои ќе живеат во мир и коегзистенција со другите народи од соседството. Ама не, Николовски сака да рече дека ова не е држава, туку сервис исклучиво за нашето племе. Е, тука малку се за(ј)ебал: „Оваа држава е за утре, а не за некни“, како што гласи еден феноменален скопски графит. И оваа држава е на сите граѓани за кои јас ќе се борам, како што добро потенцираше министерот за надворешни работи, одличниот Бујар Османи.
Личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.