Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонскиот идентитет е апликација за реализација на една мала група човеци.
Релативно мала, нека не врескаат веднаш оние што се натопени во тоа миро.
Но, и со таа ограда, морам да кажам дека и апликацијата и луѓето и нивната реализација, се скромни феномени.
Физички, духовно, културно, социјално и политички-скромни.
И во потенцијата и во остварувањата.
Фрустрирачки скромни.
Ние сме легло на инцестуозни деформации карактеристични за малите и затворени заедници.
Случувањата околу францускиот предлог покажуваат дека тие деформации ја имаат осакатено човечката и национална димензија на македонската кауза, до нивото на кое тука се инсталира полската парада на Гомбрович: “свиња свињи дупе слини!”
Во такви монструозни и свињолики форми сме влезени.
Но, боже мој, во светот има уште поголеми скромности кои не се секираат за својата скромност, најчесто и немаат свест за својата скромност.
Во Овче Поле би рекле: ги боли курот за скромноста.
И сѐ оди добро со македонскиот идентитет, со сета негова скромност во потеклото, состојбите и остварувањата, додека на идентитетот не му дојде или не му текне, да испрати димни и гласни сигнали дека е нападнат и загрозен и дека бара од тие на кои им ја дава културната рамка, да го бранат.
Не паметам ден да не засвириле сирените за опасност.
Свиреа и во социјализмот, но во транзицијата се самопретворивме во држава во која сирените за напади врз идентитетот не престануваат да свират.
Никој не знае дали сѐ уште постоиме затоа што непријателите се слаби или ние сме јаки.
Или, можеби, некој нѐ заебава.
Бидејќи тука нема метро, луѓето не бегаат под земји, ами заедно со бранителите, се качуваат по ѕидовите на фејсбук и трчаат во телевизиските студија од каде ја вклучуваат ракетната одбрана од противидентитетските напади.
Нема посебни ракетни системи.
Луѓето се ракетни системи.
Секој Македонец и секоја Македонка се идентитетски ракети.
Се разбира најмоќните инсталации се во хабитусите на политичарите, интелектуалците, новинарите, но и вкупната општонародна одбрана е фасцинантна.
Да речеме, кафеаните се посебно ефикасни системи преку кои се брани идентитетот.
За партиите да не правиме муабет.
Секој поп под мантијата носи стингер со кој во секое време може да собори некој антимакедонски авион или тенк.
Македонскиот идентитет е предмет на нескршлива одбрана.
До таа мерка што луѓето, а особено политичарите, ја имаат издигнато борбата на повисоко ниво, односно не се борат за одбрана на идентитетот, туку за одбрана на одбраната, за одбрана на можноста да ја бранат Македонија. Со други зборови, тие се против дефинитивната консолидација на идентитетот и против тоа од сите напаѓачи да направиме пријатели.
Македонците би биле технолошки вишок во консолидирана Македонија.
Хахаха!
Македонците и Македонките, а нивната првокласна елита од трет ред, посебно, го имаат поместено акцентот на своето постоење од идентитетот, на одбраната на идентитетот.
Тоа е значајна разлика.
Мислам дали ти ја браниш Македонија или ја браниш одбраната на Македонија.
И за кој курац ќе ти е Македонија што никој не ја напаѓа.
Хахаха!
Мислам дека претставата ќе заврши така што судијата ќе се симне од столчето, ќе го чукне Македонецот по рамото и ќе му рече: Господине, готово е, повлечете се дома, одморите се и обидете се да се сетите знаете ли вие нешто друго да работите.
Македонскиот идентитет е инструмент за измачување на луѓето.
За хендикепирање на луѓето.
За држење на луѓето во услови на тешко ропство.
Македонија е гонич на своите луѓе како робови.
Тиранија која бара луѓето да и се потчинат и да ја бранат.
Да ги залеваат саксиите со непријателите да не би да снема напаѓачи од кои ќе ја бранат.
Абу Граиб во кој се врши тортура, не над непријателите, туку над своите војници.
Секоја телевизиска дебата е како вода што ја полеваат врз крпата со која ми е покриено лицето.
Што друго освен тортура ѝ дава Македонија на своите чеда?
Идеја дека тортурата не е насилство, туку благородна состојба на духот.
Дека мачеништвото е света работа?
Должност?
Возвишена должност?
Тоа ниво на предаденост и посветеност, не може да се постигне без сериозно оглупавување на луѓето.
Кои треба да се држат на штрек.
На тоа беше работено интензивно сиве овие години.
Мислам на спуштањето на разумските потенцијали на македонските луѓе на критично ниско ниво.
Селекцијата на политичките репрезентации исполнети со глуперди, дисперзијата и уништувањето на образованието, промоцијата и факторизацијата на просташтвото, естетската и функционална деградацијата на урбаните центри, посебно од страна на вмро-дпмне, уништувањето на културните критериуми во името на дезелитизацијата, односно понародничувањето на културата (!!!) не доведе до нивото кое за носителите на работите беше посакувано: инфантилен и користољубив народ кој за еден сендвич и работа во администрацијата ќе ја брани Македонија дур не умрат и тој и Македонија.
Глупавиот, викаше Гомбривич, од ништо не се плаши повеќе колку од тоа дека ќе го намагарчат.
Дека ќе го заебат.
Тоа ниво на психичка затегнатост и затапеност, ја прави одбраната вечна.
Ако ветрето ја поместува високата трева лево-десно, Македонецот нема да појде да сере, зашто ќе мисли дека тревата ја поместува волкот кој сака да ја изеде Македонија.
Така гледа и на францускиот предлог.
Што е македонскиот јазик?
Наша единствена татковина!
Океј.
Или многу сериозен фактор на ограничените когнитивни, изразни и севкупни можности на македонскиот човек.
На идентитетот.
Јас мислам дека јазикот го плафонира Македонецот многу ниско, лопатките на јазикот му го стеснуваат хоризонтот и неговите способности да го осознава и разбира светот и себе си да се разбира надвор од одбранбените функции со кои го ангажира татковината.
Сте се праша ле ли зошто на македонски не можат да се снимаат филмови без високо ниво на извештаченост и во репликите и во изразите и во гестовите, да се пишуваат песни кои не се радовански апстракции или ганевистички патриотски патетики, или пубертетски љубовни песни од андреевски тип, зошто не можат да се водат политички расправи, за филозофски да не правиме муабет, да се чуе пристојно мислење за некоја тема од пет од шест луѓе на улица.
Јазикот ја ограничува самата идеја дека може да се подобри, да се збогати и да овозможи луѓето да се збогатуваат, да се разбудат и да се реализираат на подруг начин.
Можам да ги понудам моите скромни искуства на тоа поле. Всушност, секој ден тоа го правам.
Можностите се големи.
Зошто е ова важно.
За да се нурнеме во длабочината на проблемите, да не пливаме по површината, да не ја театрализираме нашата судбина, да се ослободиме од стравот, да ги погледнеме стравовите на другите и интересите на другите, потребата и практично единствената шанса да постоиме низ коегзистенција односно прилагодување, низ компромиси и конечно низ свест за тоа дека прашањето на идентитетот не е прашање на никакви документи, туку прашање на успехот со нешто да се запишете во културната и духовна карта на светот.
Јас сум за безрезервно прифаќање на францускиот предлог, но не гледам лошо ако тој не се прифати. Затоа што сум сигурен дека одбивањето, всушност, ќе ја однесе нашата агонија кон мирна смрт. Ако бидам жив, тоа ќе морам да го прославам како чин на ослободувањето.
Хахаха!
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.