27.06.2022
Бујар Османи го брани државниот интерес како ниеден Албанец до сега
После Груевски, во релативен „политички мир“ и пристојност, лудницата повторно почнува да работи. Александар Николовски, пред некој ден, за телевизија „Сител“, вели: „Се повеќе ми личи дека Османи работи на тоа да почнат преговорите со Албанија, а за Македонија што биде нека биде“.
Приметувате што се случува во главата на Николовски? Османи е Албанец, па мора да работи за албанците, таа е тезата на Николовски. И, уште Николовски мисли дека Османи не работи за било кои албанци, туку работи за албанците преку граница. Вакво лудило, да ми простите, е неверојатно, пациентско и опако.
„Успехот“ во политиката, Николовски го бара во време на криза – типично за секој националист – и тогаш кога ќе опаднат сите критериуми во општеството. Не се сомневам дека вакви радикализирани реторики на „путинофилите од нашиот сокак“ нема и во Шведска. Има, се разбира. Има луѓе и во Шведска кои преку „шведството“ сонуваат за повторно освојување на Норвешка. Ама таквите типови или на крајна маргина или во лудница.
Едноставно, во повеќе-помалку здраво општество, втемелено на закон и морал, за лудачки идеи „нема проѓа“. Европските општества генерално земено го совладаа национализмот.
Да се темели нацијата на нација, претставува исто она што претставува и оној Минхаузенов обид за да се извлече сопственото тело од вода со сопственото влакно од коса. Во еден момент, во Европа се примети дека тој национализам, таа лажна религија, апсолутизирачка, го укинува доброто од злото, го замаглува исправното од погрешното. С è се втопува во бинарна логика. А во таков амбиент, играта ја предводат најлошите меѓу нас. Еден од тие најлоши експонати кај нас е фамозниот „Александар Николовски“. Не како личност, туку како феномен, како појава која тешко регресирала.
Еве, што Бујар Османи вели на гнасната клевета на Николовски: „Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите се обединети во одбрана на државните и националните интереси“.
Со тоа, Бујар Османи ни кажува дека е на државни позиции, инклузивен е, и работи за доброто на сите во земјата, а не работи за „албанците преку граница“, како што вели опако и претенциозно Николовски.
Ваквата логика на Николовски, рековме, на многу нивоа е сомнителна. Затоа што „шприца“ предрасуди не кон Османи, туку шприца предрасуди и недоверба кон Албанците дома; од друга страна, ги провоцира Албанците кои живеат во Албанија.
Приметувате ли како работи лудницата во ВМРО-ДПМНЕ? Секогаш провоцирање и „задртост“, единствено во служба на мобилизација на нивното гласачко тело. Така работи популизмот. За нив луѓето, нивните луѓе, се најобичен број. Никој таму нив за ништо не ги прашува. Нивната гласачка машинерија за нив е најобично тесто за месење.
Кога животот на луѓето не им вреди пет пари, „вмроовците“ ни го пуштаат Николовски да ни објасни како стојат работите „дома и во регионот“, тој човек е тука да ни објасни каква иднина не очекува ако некако успеат да се добарат до власт.
И тука, пријатели, гледате колку ВМРО-ДПМНЕ нема личен идентитет. Тоа не е партија на пристојни, одговорни и самостојни личности.
Знаеме дека национализмот е дар од небо за сите разбојници. Работата, за среќа, кај нас се упристои откако се ДУИ и СДСМ власт, ама се уште не сме извлечени од калта. Од која никнуваат секакави апсурди.
Ама против вакви типчиња како Николовски не може да има борба. Ваквите луѓе се без чест и образ, затоа што важно им е нивниот „положај“, вакви типови мислат единствено на сопственото позиционирање и критиката многу не ги засега.
Северна Македонија не може да биде сервис на племиња, туку држава за сите граѓани кои ќе живеат во мир и коегзистенција со другите народи од соседството. Ама не, Николовски сака да рече дека ова не е држава, туку сервис исклучиво за нашето племе. Е, тука малку се за(ј)ебал: „Оваа држава е за утре, а не за некни“, како што гласи еден феноменален скопски графит. И оваа држава е на сите граѓани за кои јас ќе се борам, како што добро потенцираше министерот за надворешни работи, одличниот Бујар Османи.
03.07.2022
За „Францускиот предлог“ кон заштитничката куќа Европа, отколку против и надвор, на руски виулици и стихии
Никаков траен мир и никаква стабилност овде не е можна додека не се размонтира, деконструира и биде ставен надвор од правниот поредок национализмот.
Имено, идентитетот е работа која се довршува сто години, а во случајот на некои луѓе и стотици години после нивната смрт. Факт е дека кај нас, а кога мислам кај нас, мислам пред сè во Европа и на Балканот, идентитетот најчесто се сведува на национален и верски идентитет.
Од друга страна, војната во Украина предизвикана од Путиновата Русија ги продлабочи стравовите низ светот, а едно од тие места е и Западниот Балкан кадешто руската политика има влијание и која создава „статус кво“, деструкција и – национализам. Дури многу политиколози и антрополози, „нормална“ теорија за објаснување на „идентитетот“ користат исклучиво преку национализмот.
Ајде да одиме конкретно. Со што би се занимавал Мицкоски по цел ден во политиката ако не е тоа „желудочниот идентитет“?
Ги видов синоќа, нашите „врили патриоти“ пред Влада, егзалтираа празни фрази, некој почна да кине зелени дека ние сме биле стари од 7. век, некој друг ја спомнуваше својата фамилија од 20. век, друг вадеше цитати од некои „важни историски личности“… Добро, некој ќе спомне, а чуму им е тој идентитет, па уште и колективен? Од тоа живее нашата „национална интелегенција“: ем душевно, ем симболички, ем буквално. Тоа се нарекува „професионален патриотизам“.
Некој друг може да рече, со право: Македонскиот идентитет не е загрзен во „Францускиот предлог“; и јасно е, во „Францускиот предлог“ македонскиот јазик нема фуснота, нема заграда, македонскиот јазик е македонски, не е дијалект на бугарскиот. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет е прифатен од цела Европска унија. И овие работи, важни за нас, ги добиваме без никакво условување во „Францускиот предлог“.
Натаму, јасно е објаснето: напредокот наш, после скринингот на Европа, ќе зависи од внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, што претставува зајакнување на нашето мултикултурно општество. И кога тоа ќе се случи, нашиот Европски пат нема да зависи од историските прашања кои ги покрева Бугарија, за кои можеме да разговараме, ама нема да може Бугарија да условува.
Генерално земено, во овој контекст и во овие околности, „Францускиот предлог“ е добар и јас го поддржувам затоа што нè влече кон Европската Унија. Повторувам: затоа што нè влече кон Европската Унија.
Обратно, од нeприфаќање на „Францускиот предлог“, на земјата нема да ù се нуди антиглобалистички наратив, некаква шашава социјална правда или еманципација (прво, за тоа нема енергија, второ, нема кој), туку алтернатива на „Францускиот предлог“ е антиевропејство, авторитаризам, национализам, уште повеќе корупција и на крајот – (граѓанска) војна.
Видете, да бидам јасен. Може Мицкоски да малтретира со неговиот до болка клаустрофобично разбран идентитет, може да се собираат истомисленици, ама она на кое нема право Мицкоски да прави, бил тој Македонец, Бошњак или не знам што, насилен идентитетски инжинеринг над луѓето, и уште колективно, па дури и присилно да ги запишува во некакви идентитетски еднозначности, формули или пак, недај Боже, да ги отпишува од нив. Да им ги тумба животите според некој свој ќеф или хир, или да се однесува кон луѓето како да му се доделени на чување, во манирот на некакви овци кои не знаат што е добро за нив, па сега тој ќе ги просветли и ќе им каже кои се всушност тие. Тоа дека тие се Македонци – ама ете, го чекаа Мицкоски тоа да им го каже.
Нема ништо на овој свет посложено од човечкиот идентитет. Ама национализмот, тоа сеопшто просташтво, сака човечкиот идентитет да го упрости во еднозначна целина. А, гледаме, реалноста страшно се буни против тоа. Затоа ни од овој фантазам нема да биде ништо. Кога би било обратно, ете, дури и Мицкоски би имал шанса да се дигне до небесите. Да биде нов Груевски. Оној де, што ни се колнеше во идентитетот и партијата, а во реалноста мислеше како да ги собере нашите јавни пари. Го видовме тоа и практично и симболички. И воопшто не беше пријатно.
„Францускиот предлог“ треба да се прифати. Тоа е добра основа за нашата идна Европска сигурна куќа. Ем доаѓа зима, ем оној хазјанин од Кремљ лудува. Подобро е да сме под Европски и НАТО мониторинг, движејќи се кон сигурната Европска куќа, отколку да сме надвор, на виулици и стихии.
На крај, да го цитирам Дритан Абазовиќ и тоа што пред некое време го рече пред Европскиот парламент: „остане ли надвор од Европската Унија, Западниот Балкан за неколку години може да биде нова Украина“.
И ова звучи многу сериозно, одговорно. Кога ова ќе се разбере, тогаш ќе се види колку Мицкоски лупета глупости и „рибари со човечките души“ на евтин популизам.
На крај, сакам да кажам дека работите се крајно сериозни. Го пропуштивме ли „Францускиот предлог“, господ нека и е напомош на Македонија. Или, пак, можеби вие мислите дека комитите на Мицкоски ќе нè бранат, ако, не дај боже, се оствари стравувањето на Абазовиќ и останеме надвор од Европската унија? Добар виц, мора да ви признаам.
Посебно ќе нè бранат тие со бугарски пасоши. Од своите резервни татковини.
Ненад Јовановиќ