Приоритетните проекти кои можат да се реализираат со финансиски средства и инвестиции од САД, како и можностите за проширување на развојната соработка која успешно се спроведува повеќе од две децении со УСАИД, биле тема на разговор на денешниот координативен состано на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава Џејмс Стајн, програмскиот директор Енид Нуњез и шефот на Политичко-економската канцеларија во Амбасадата на САД во земјава Кристофер Цимер, jaвува МИА.
Маричиќ на средбата, потенцирал дека нашиот стратешки партнер САД, од осамостојувањето на земјата до сега, има вложено над половина милијарда американски долари развојна помош.
-Преку Агенцијата за меѓународен развој – УСАИД, досега е обезбедена многу значајна помош за развојот на претприемништвото, подобрување на конкурентноста, поефикасна работа на јавната администрација и подобрување на деловното опкружување, реформите во областа на правдата, борбата против корупцијата, односно континуирана поддршка во реализацијата на реформската агенда, изјави Маричиќ, информираат од неговиот кабинет.
Џејмс Стајн ја потврдил досегашната успешна соработка во реализацијата на проектите и заедно со Националниот ИПА координатор и Маричиќ, како што се вели во соопштението, истакнале дека Стратешкиот дијалог го сметаат за важен чекор кон подигање на севкупната развојна соработка на Северна Македонија со САД на едно повисоко ниво, што сигурно ќе влијае на обемот на проектите, но и областите во кои ќе се спроведува помошта во наредниот период, што дефинитивно ќе придонесе за понатамошен развој на традиционално добрите односи меѓу САД и Северна Македонија.
– Особено е важно во иднина на јасен и ефективен начин да ги координираме сите расположливи финансиски развојни ресурси, од фондовите на ЕУ до билатералните развојни програми, со цел на најдобар и најбрз начин да ги реализираме важните и приоритетни проекти, во интерес на напредок и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани на Северна Македонија, оценил Маричиќ.
Маричиќ, исто така, ја искористи можноста и на делегацијата на УСАИД предводена од Стајн и им го честита Денот на независноста на САД, 4 јули, кој неодамна беше одбележан во резиденцијата на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава.