пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Пред неколку денови, на фејсбук, во „меморис“, се потсетив на коментарот што сум го напишал пред две години, а звучеше вака: „Избезумен сум од денешната медиумско-ендемска злоба, избезумен сум од толкава количина на ‘шпорки’ зборови кои летаат на сите страни, избезумен сум од една реторика која е стравично вкалкулирана. Ваква реторика во културолошка смисла му припаѓа на ресентиманот на „идеологија на робовите“, немојте тоа да го заборавите, или со други зборови речено, земја која ја бранеше храбро сопствената слобода за време на минатиот режим, за некое чудо успеа да развие еден културолошки код што не им припаѓа на слободните луѓе. Да бидам попрецизен: на слободен човек не му приличи толку злоба за оној другиот.“
Зарем сега, во политичка смисла – а политиката ни ги изеде животите – што претставува особина на „лоши времиња“, најлошите меѓу нас се закануваат по безброј пати со доаѓање на власт; заканата значи дека ќе го легитимираат насилството, она симболичко и физичко, и сите форми на понижување на човечкото, граѓанското и професионалното, па тоа ќе им биде платформа за да настапат на сцена!?
Опозиционата партија на Мицкоски, заедно со Левицата на онаа несреќа Апасиев, е обид за враќање на режим, затоа што демократијата за нив претставува – гледаме од јавниот настап – чисто фасадно-фарсична форма, а нивните кло(в)нови испуштаат огромно количество на жолчка низ социјалните медиуми.
Откако знам за ВМРО-ДПМНЕ, знам дека кога ќе се доберат до своите покровители (кои и да се тие!), откако знам за нивната смисла што ја бараат во политиката: тоа не претставува ништо друго освен војна со другите. Како тоа практично изгледа? Изгледа така што ќе те наречат „предавник“, ќе те прогласат за одметнат, одроден, значи ќе те прогласат дека ти не си дел од колективното ткиво на нацијата. Ќе те прогласат за сопствено скапано месо од нацијата. Реториката што ја употребуваат нашите националисти, иста реторика ја употребуваат и националистите на Бугарија. Не ми паѓа на памет да ги испишувам глупавите тези на нашата десница дека ние ќе сме се „бугаризирале“; а не ми паѓа на памет да ги „чистам“ глупаво-популистичките бугарски сомнабулии за тоа дека ние сме биле „измислен народ на кој Тито им дал држава“. Оти ако продолжиме во тие магли и ситни цревца, никаде нема да стигнеме.
Ајде сега да одиме со ноторните факти.
Северна Македонија вчера ги започна преговорите со Европската Унија. Тоа е непобитен факт. Македонскиот јазик ќе биде дел од јазиците на Европа, без фусноти, без дополнителни објаснувања.
Северна Македонија има чист, македонски идентитет, и чист – македонски јазик. И Северна Македонија го чекори патот по кој се остварува триесетгодишниот идеал: да стане рамноправна земја членка на Европската Унија.
Пред четири години го решивме првиот спор со Грците, потоа влеговме во најголемата воена Алијанса во светот, НАТО, а денес, поточно вчера, во Брисел, на среде Европа, Северна Македонија ги почна директните преговори со Европската Унија. Што е сега проблемот, некој ќе рече?
Проблемот е ВМРО-ДПМНЕ, Левица, проблемот се и некои „наши“ јавни персони драматис кои се надвор од Европскиот процес, свесно и калкулантски. И проблем е огромен дел од Бугарската политичка елита која се глупира со националистички пумпања.
Единствена зрела политичка партија во моментот е СДСМ, албанската ДУИ и нивните коалициони партнери во Владата на Ковачевски. Зошто велам „зрела“?
Затоа што ми се чини дека сфаќа како не постојат зрели и незрели нации, туку постојат зрели и незрели општества. Северна Македонија не може да биде општество кое ќе функционира како публика на фудбалски стадион, а националистичките елити како хулигани.
Од друга страна, секој човек на светот е тоа што тој самиот го кажува за себе дека е. Под услов, ако е слободен тоа да го каже. Ниту еден човек што не припаѓа на мнозинството не е слободен да каже денес што всушност е. И во таква ситуација едни зборуваат од инает, а другите од страв молчат.
Не знам дали Мицкоски разбира: секој еден наш граѓанин што се наоѓа во малцинство, има страв да каже како се вика, што е по народност и вера, и на кој јазик зборува. Стравот на малцинството е срам за мнозинството. И во таа смисла, што е проблемот на малцинските бугари од 3.500 луѓе кои така се изјаснуваат, да им се даде можност да бидат дел од Уставот на Република Северна Македонија?
Па, ти, човеку, имаш обврска тоа да го поддржиш, освен ако не си навистина олош скриен позади таа имагинарна бројка од „сите македонци“. Ти, човеку, ако си човек, тоа мора да го поддржиш!
Не дозволувам и ќе се борам, не за друго, туку ќе се борам за тоа и што нашите стари и претходници многу добро го знаеа. Пред педесет, а богами и пред 200 години, нашите претци и претходници го знаеа она што ние денес не го знаеме или свесно го забораваме. А тоа е: човекот не е само едно, туку може да биде и нешто друго. Како и тоа да не веруваат во тоа што веруваат, туку е обврзан во вербата на своите соседи. Нашите претци и претходници го знаеа и тоа: родот, народот, верата, не е тоа нешто непроменливо. Ниеден човек не знае во која вера ќе умре.
Нема лажни народи. Има народи кои ќе живеат во мир, стабилност и пријателство, а има народи кои ќе војуваат за територии. И тоа е сета приказна на народите во светот. Јас го бирам оној народ што ќе работи за мир. За извесност. За Европа.
Надвор од тој образец, надвор од Европа, нашиот народ ќе одбере крвави раце. Одбивам да сум дел од таков народ.