Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во вечерашното издание на „Трилинг“ изјави дека имаме јасни обврски од целиот пакет, јасни обврски од Протоколот којшто беше потпишан во Софија, и дека со тоа за Северна Македонија патот е отворен. Само треба, како држава, да ги спроведуваме нашите обврски, рече тој, додавајќи дека со одржувањето на првата Меѓувладина конференција и првата сесија на скринингот на земјата ѝ се отвора пат за движење напред.
Околу унилатералната изјава со Софија, вицепремиерот Маричиќ истакна дека и двете држави дале унилатерални изјави, кои немаат никаква важност за целокупното користење на македонскиот јазик во Европската Унија, ниту пак за ставот на другите држави членки.
„Тоа значи само дека Софија изразува свој став како што има изразено и во Обединетите Нации кога ни беше впишан македонскиот јазик. Ние го изразивме нашиот став и тоа прашање понатаму не очекуваме да се споменува, очекуваме во наредните денови да го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС на македонски јазик, каде што и Бугарија ќе го потпише како една од државите членки и сметаме дека за нас ова прашање е затворено, рече Маричиќ.
Тој потенцира дека не очекува ова прашање да се отвора понатаму, бидејќи имаме јасни обврски од целиот пакет, имаме јасни обврски од Протоколот којшто беше потпишан во Софија.