Перманентните напади кон професорката Катерина Колозова заради објавени лични ставови беа проширени и надградени страница со скриншот од „хакирана“ страница на англиска Википедија и дезинформација дека е „грчко-бугарски академик“. Дезинформациите и навредливите квалификации кон Колозова се проширија и на некои портали кои овозможија лични навреди кон неа и нејзиното семејство, говор на омраза, па дури и закани со насилство, пишува ИМА.
Откако професорката Катерина Колозова на својот Фејсбук профил објави мислење за контроверзна тема, уследи не само лавина од реакции и недолични коментари, туку и напади со екстремен говор на омраза кон неа по повеќе основи. На пример, Фејсбук страницата Infomax.mk овозможила објавување на стотици коментари под навредливата објава, од кои дел се лични навреди, дел се сексистички говор на омраза и поттикнување омраза по повеќе основи, а дел повикуваат на повреда на нејзините човекови права и загрозување на личната сигурност.
Неодамна, и Клубот за бугарско-македонско пријателство истакна дека е недозволиво мислењето на нивните членови во јавниот простор и социјалните мрежи да бидат предмет на говор на омраза, како што е случајот со нивната членка, македонската филозофка Катерина Колозова, за која „во последните денови имаше повици за самоубиство, па дури и за убиство“.
Според Кодексот на новинарите (член 10), новинарите не би требало да создаваат или преработуваат информации против човековите права, кои вклучуваат и говор на омраза и повици на насилство.
Исто така, согласно практиката на Европскиот суд за човекови права, медиумите се одговорни и за објавените коментари на нивните страници, па затоа треба да се погрижат да ги модерираат коментарите кои поттикнуваат на омраза, насилство и предизвикуваат повреда на човековите права.