Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Со својата најнова колумна, професорот Грчев ме потсети на Гомбрович кој во мојата македонизирана верзија звучи вака: Слабоста на денешниот Македонец е во тоа што е премногу еднодимензионален и премногу едностран. Мораме да го збогатиме со друг пол. Да го дополниме со поинаков Македонец, различен од сегашниот.
Историјата не научи да негуваме во себе само некои одлики на нашата природа. И сега сме премногу тоа што сме, престилизирани сме.
А другите можности сакаме со сила да ги уништиме.
Секаде и во сѐ демонстрираме прекумерност. Која произлегува од тоа што оној Македонец каков што го изградивме мора да го придавува и уништува типот каков што би можеле да бидеме. Кој во нас постои како антиномија. Но, од тоа произлегува дека Македонецот е осиромашен за половина од самиот себе, при што и онаа половина на која и се признава правото на глас, не може да дојде до израз на природен начин.
Мораме да станеме поопуштени, поеластични наспроти светот затоа што е тоа единствена постапка која е кадра да не вдахнови со нова животност и пред нас да отвори нови терени.
Крај.
Тоа е основата на новата филозофија, на новото саморазбирање, во кое треба и мора да бараме излез од драмата.
Не во симнувањето во рововите на еднодимензионалното македонство. Во затворањето. Во Македонија како фарма за Македонци.
Немам зборови да опишам колку е тоа глупаво, самоубиствено, агонично, инфантилно, смртоносно…
Значи, да решиме да не преговараме со Европската унија затоа што Бугарија имала етнички и територијални, односно, сексуални, хахаха, претензии, е импресивна глупост која произлегува, имено, од еднодимензионалноста и едностраноста на македонската природа, од претераноста и престилизираноста на Македонецот. Уште повеќе: Од Македонецот како некаков тлоцрт. Затоа што еднодимензионалноста, сепак, сугерира некаков обем, а Македонецот кој бега од Бугарија и од Европа, нема никаква димензија.
Само солзи сами течат прости ми.
Без Европа Македонија нема да излезе од зоната на бугарските интереси и влијанија, туку обратно, ќе влезе и тоа многу подлабоко.
Како тоа не се гледа, како не се чувствува таа греда во сопствените очи тој тумор во мозокот, не ми е јасно.
Влијанието на Бугарија врз поведението и постоењето на Македонија ќе биде многу посилно ако се откажеме од Европската унија, отколку ако смениме некои глупости во учебниците кои и вака и така, никој не ги чита. Нашето одбивање на преговорите не би било наше решение, туку би било решение кое го изнудила Бугарија. Не би оделе во Европа по диктат од Софија. Ние во старт би свиреле по нотите од Софија. Да не зборуваме дека и во Бугарија и во Македонија има кругови кои во македонското одбивање ја гледаат главната шанса за остварување на бугарските етнички и територијални претензии. Затоа што без врската со Европа ќе се интензивираат процесите на самораспаѓањето на македонската национална, културна и државотворна супстанца. Контекстите се сменети. Самите основи на Македонија каква што ја знаеме, бараат реконструкција затоа што се потрошени или се тешко оштетени, не од Европа и од Бугарија, туку од нас, од домашните мераклии.
Треба ли да се нагласи дека прекинот на евроинтеграциите ќе ја фашизира Македонија, прво во некаков деформиран изборен процес во атмосферата на зовриена морална паника, а потоа и како краткотрајна и смртоносна власт. На тие против кои како идеологија и политичка артикулација, професорот толку посветено се бореше сиве овие години. Јас мислам дека и со најпрецизни инструменти и со најдлабоко копање, во Европа не би можеле да пронајдеме таква несреќа. Со мала доза на претерување ќе кажам дека е помалку лошо Заводот за печатење на учебници од Софија да ни ги печати учебниците, отколку вмро-дпмне да ни биде власт.
Моралната паника, оваа невидена хистерија, оваа оркестрирана и систематска кампања е процес на невидената и незабележана во светски рамки автодеструкција. Сите аспирации на Бугарија се пичкин дим во однос на ова што се случува тука. Се разбира, јас не сакам да кажам дека работите не се исповрзани, но, сепак, овој антиевропски ораториум се свири на нашите телевизори, од наши солисти, со наши диригенти, балерини и балетани.
Народот бил поделен.
Па како е народот поделен?
Сте се прашале ли некогаш како е народот поделен!
И кој го подели.
Така што луѓето од дното па потоа и од малку погорните слоеви се согласија да бидат поглупави од тоа што се, односно да бидат поголеми Македонци од социјалистичките. Што беше невозможна работа. Да се одделат од нормалноста. Односно од себе. Тоа беше модерно. Да си националист, да те сав свет разуме. Така се случи галванизацијата на Македонија. Молекулите на глупоста, простоќата, инфантилноста отидоа на страната на вмро-дпмне во чии лаборатории модерната нација се мелеше и се претвораше во фолклорна и митолошка категорија на која државата, всушност, не ѝ треба, вишок ѝ е, ја отежнува љубовта меѓу партијата и народот, а на другиот крај остана нормалниот дел од нацијата кој се труди, во крајно неповолни околности, да спаси што може да се спаси.
Фолклорниот Македонец го задушува политичкиот, нормалниот, модерниот. Така беше задушен Заев. Така сега се задушува Ковачевски. Така, под диктат на фолклористичкиот патриот од општеството кое некогаш беше отворено, од јавната сцена е избркан Тричковски. Затворени му се сите издаваштва со исклучок на Прва линија и Ѕидот на Фејсбук. Така се блокира патот кон Европа. Со балвани на глупоста. Така се одбива излезот од детството на нацијата. Инфантилизирана маса која сака да си остане во градинката. Така фолклорниот патриот си ја замислува Македонија. Така ги одбиваме сите обиди да смениме нешто од своето саморазбирање и од разбирањето на светот. Ние сме жртва на агресијата врз самите себе водена од идејата дека промените се антимакедонски чин, односно дека непроменливоста има ексклузивни капацитети да договара промени исклучиво според нејзиниот диктат.
Хахаха!
Тоа биле национални интереси.
Тажно е, мачно, но мене не ме напушта оптимизмот.
Луѓето на крајот ќе сфатат кој ги заебава и кој работи за нив.
Тивко, можеби претивко, но упорно, со добри намери, со големи ризици, во интерес на Македонија и на луѓето пред сѐ, интерес кој не е небесен, туку е реален, интерес кој се остварува во реален историски контекст.
Фино вика Ковачевски: Преговорите ги почнавме, нема референдум, нема предвремени избори.
Точка.
Да се надеваме дека недостигот на медиумска поддршка ќе биде компензиран со резултати и со тоа што злобата на антиевропската и антивладина кампања ќе ги изеде антиевропските проекции, а не обратно.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.