пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
На самиот почеток би сакал да ви опишам една лична бизарност. Десет години во мојата домашна библиотека стои непрочитана книгата „Кловн Шалимар“ на Салман Ружди. Во летната меланхолија, што е друго име за безидејност, зедов да го читам ова парче нонфикционална проза… Сфаќам од текстот дека Ружди напишал приказна барајќи одговор на терористичките закани во светот.
Такви се тие современи и важни писатели, меѓутоа, тероризмот е само еден сегмент од мноштвото работи со кои Салман Ружди си ја „капе главата“ во романот. А според зборовите на писателот, „Кловн Шалимар“ може да се толкува и како позадина и пандан на една лична трагедија, знаејќи дека сето творештво на Ружди е обременето со поединецот/единката. Измеѓу мноштвото од теми и заплети, се издвојува приказната за идиличната љубовна врска на кловнот Шалимар и танчерката Буни Каул. Љубовта помеѓу овие двајца млади, муслиман и Индијка, ги преминува препреките на табуата и верата. Таквата љубов претставува единство на спротивноста и симбол на Кашмирот во кој двајцата млади луѓе се формираат; поточно, тоа е свет во кој верските и јазичните разлики, се чини, со векови егзистираат без конфликти. Совршена слика на љубовта е одраз на магичната убавина на Кашмирот, неизвалканиот рај на земјата.
Идилата на парчиња ја растура доаѓањето на американскиот амбасадор во кого Буни го открива својот излез од тесноградоста и клаустрофобијата на својата околина, преполна со неостварени желби и соништа типични за сите селски средини. Една врста на киднапираност, но сепак, неволјата да биде поголема, Буни својата неслобода ја заменува со друга. Како љубовница на амбасадорот, Буни буквално живее во четири sида, изложена е на сè поголемо физичко и духовно пропаѓање. Приказна која делува како современа „Ромео и Јулија“ се претвора во мрачна трагедија на освета. Посрамената машкост во Шалимар буди убиствен нагон, луѓе страдаат, а љубовта доживува распад. Невиноста се претвара во искуство, љубовта во омраза, кловнот во терорист, а личната трагедија во глобална.
Да скратам, сите слики во овој роман многу брзо ги заменува насилството и безумноста. Визиите на светот се хаотични, нестабилни и фрагментирани: исчашени вредности и сомнителен морал, присутни во делата на Ружди, сами по себе се мрачни, ама се претставени и со голема доза на оптимизам. Романот завршува неизвесно, односно го отвара прашањето дали рајот конечно и неповратно е изгубен.
А сега, да се вратиме на она кое го потресе светот пред неколку денови, во западниот дел на Њујорк. Имено, на книжевна трибина „За слободата“, Хади Матар се обиде да го убие авторот Салман Ружди така што со нож го избоде во неговото тело неколку пати. Ружди денес се наоѓа во болница, ситуацијата е сè уште серизна но не е критична како што беше до пред неколку денови. Мотивите на Матар за овој обид за убиство се нејасни, освен што се открива дека бил симпатизер на иранските власти, ама тоа не мора ништо да значи. Можеби се работи само за млад и изгубен социопат во потрага по слава и внимание, според примерот на Марк Чепмен, убиецот на Џон Ленон?
Салман Ружди е роден во Индија 1947 година. Се школувал во Англија, дипломирал историја на Кембриџ. Иако „Сатански стихови“ не е првиот роман на Ружди, светската слава ја стекнува со романот „Деца на ноќта“ објавен 1981 година, за кој добива Букерова награда. Седум години подоцна ги објавува „Сатанските стихови“, роман што предизвикува силно незадоволство. За првиот роман се разгневени хиндусите, за вториот на себе го навлекува бесот на исламскиот свет. За последните, романот претставува богохулие, а во некои земји е забранет.
Салман Ружди водеше живот помеѓу Индија, Пакистан и Англија.
Опишувајќи го времето во кое ги создава Сатанските стихови, Ружди во интервјуто за „Франс прес“ од 2019 година вели: „Исламот тогаш не беше тема. Никој не мислеше за исламот на таков начин. Ама дури и кога би било така, романот е погрешно толкуван. Тоа е всушност книга за јужноазиските емигранти во Лондон.“
На прашањето дали за нешто жали, Ружди одговара: „ја заземам позицијата на Едит Пјаф (Edith Piaf): ‘Je ne regrette rien’ (Не жалам за ништо).
На крајот, како последно и важно, би сакал да го напишам и цитатот на Ружди кој ни вели уште нешто за слободата на говор: „Не ми се допадна тоа што го кажа, и го сметам тоа непристојно и навредливо, ама кога се користи насилство како одговор на искажаните зборови, подигнувате сè на едно поинакво ниво и го губите целиот кредибилитет што сте го имале“.
Човечките битија, приметува Ружди во есејот „Во добрата вера“, ја обликуваaт својата судбина така што расправаат, поставуваат прашања и го изговараат неизговореното; и не го прават тоа поклонувајќи се на било кои богови.
Верувам дека Салам Ружди ќе закрепне и биде добро. А ние? Ние би требало да се обидеме да продолжиме со „неизговореното“. И, да ги растураме националистите, расистите и фашистите. Тие „биготи“ на омразата и поделбите. Помалку од тоа, како што приметува вујко Бас, би било рамно на предавство.