пишува: ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА – СТРАТИЛАТИ / ИМА
Пред и за време на одржувањето на третата Парада на гордоста во Скопје, беше забележано зголемување на дигиталното кршење на човековите права во Северна Македонија[i] со вирулентно ширење на хомофобичен говор на социјалните мрежи, кое продолжи и по месецот на гордоста.[ii] Некои интернет портали беа директно вклучени во анти-геј кампања, низ објави со наслови како „Приберете децата: Геј парада денес во Скопје“[iii], или со отстапување на значителен простор за хомофобични ставови на јавни личности без критички осврт или коментар на истите.[iv] Некои портали за вести, пак, дозволија платформите за коментари под нивните написи или видеа кои известуваа за Парадата на гордоста да станат фокална точка за ширење на говор на омраза и директно поттикнување на насилство.
Анализата на овој хомофобичен дискурс покажува различни степени на хомофобија и форми на изразување, кои се движат од експлицитни повици за насилство до прилично скриена омраза против сексуалните малцинства. Дополнително, хомофобичниот/трансфобичниот говор на омраза се појавува како дел од македонскиот националистички дискурс, во кој етничките, верските и сексуалните малцинства и оние што ги поддржуваат се сметаат за закана за земјата (и вообичаено се етикетирани како предавници и странски агенти).[v]
1) Коментари со директни повици за насилство
Незанемарлив дел од содржините во коментарите се типично антисоцијално изразување, кое има за цел да поттикне прогон против луѓето поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет и има значителна веројатност да предизвика штета.[vi] Ваквите коментари, со директни повици за насилство врз конкретни лица (говорниците и учесниците на Парадата) и врз целата ЛГБТ заедница, се јасно незаконски на самата своја површина и се типичен пример на говор на омраза кој бара кривично санкционирање.
Како што истакнува и Европскиот суд за човекови права „иако секое искажување на говор на омраза, не мора, како такво, да привлече кривично гонење и кривични санкции, коментари кои се еднакви на говор на омраза и поттикнување насилство, и според тоа е јасно дека се очигледно незаконски, во принцип бараат од државите да преземат соодветни мерки”.[vii]
2) Коментари кои застапуваат омраза против ЛГБТ лицата
Во директна врска со повиците за насилство се и изразувањата, според кои Парадата е јавно демонстрирање на болест и абнормалност.[viii] Овие изјави сочинуваат сериозни и штетни тврдења, кои го достигнуваат прагот на „застапување на омраза што претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство“, дури и ако не се директен повик на насилни акти.[ix] Како што појаснува Европскиот суд за човекови права, нападите врз лицата можат да бидат сторени и со навредување, изложување на потсмев или клеветење на одредени групи од населението во однос на одредени карактеристики какви што се сексуалната ориентација или родовиот идентитет.[x] Оценката на содржината на изразувањето и начинот на кој тоа е направено се фактори, кои вообичаено се земаат предвид.
Во однос на содржината на изјавите, Судот истакна дека „треба да се прави разлика помеѓу изјавите за факти и вредносните судови“, додавајќи дека „дури и кога изјавата е вредносна проценка, мора да постои доволна фактичка основа за да ја поддржи.“[xi] Горенаведените коментари не претставуваат изразување на факти, ниту пак се поткрепени со факти. Напротив, тие се во спротивност со фактот дека хомосексуалноста не е болест – воспоставен од Светската здравствена организација и, според тоа, меѓународно признат како научна вистина. Нивното, пак, вирулентно ширење во дигиталниот јавен простор прави да не може да се продолжи согласно основниот, но важен статус на еднакво граѓанство на членовите на групата во прашање.[xii]
Па така, како и во претходниот случај, и тука станува збор за експлицитни примери на говор на омраза, кои може соодветно да се адресираат со регулаторни (вклучително и кривични) мерки, односно бараат од властите да влезат во легитимно ограничување на ваквото изразување, кое е „неопходно во едно демократско општество“ за заштита на „угледот и правата на другите“.[xiii] Нападите врз физичкиот и менталниот интегритет на поединци и групи бараат соодветна истрага и каде што е оправдано, примена на кривичното право.[xiv]
3) Поврзаноста помеѓу хомофобичните и националистичките ставови: „патриотска хомофобија“
Испреплетени со претходните примери се и изразувањата, според кои Парадата на гордоста претставува наметнување на нова идеологија врз Македонија и Македонците – пораки кои сугерираат дека хомосексуалноста е идеологија наметната однадвор, а не само сексуална ориентација, .[xv]
Ваквите коментари укажуваат на поврзаноста помеѓу хомофобичните и националистичките ставови. Претставувањето на контратиповите – во овој случај хомосексуалците – како активна закана за општествениот поредок и националното единство, е истакната карактеристика на десничарските идеологии. Фашистичките и националистичките дискруси имаат тенденција да ја промовираат идејата на соработки и заговори меѓу различните категории на „аутсајдери“.[xvi] Во македонскиот националистички дискурс оспорувањето на националниот идентитет е генерално поврзано со теории на заговор на Западот (ЕУ) против Македонија, а ЛГБТ лицата (заедно со партиите кои ги поддржуваат и активистите за човекови права) се перципираат како „скриената рака“ што соработува со западните сили со цел да ја уништат „здравата“ македонска нација.[xvii]
Без оглед дали овој националистички дискурс е јазик на заговори и предавства или се маскира во хумор и сатира,[xviii] идејата за вештачкото (ЕУ) наметнување на ЛГБТ правата како крајно туѓи на вредностите и политичкиот живот на мнозинството, претставува опасна релативизација на човековите права. Таквото релативизирање сугерира дека правата на ЛГБТ лицата не се универзални, туку целосно зависат од политичките и историските околности.
Мразам кога Парадата на гордоста ќе се падне на ЕУдатумојавление, а уште не завршил месецот на светите Мариуополски маченици. Да не знае човек како да украси по дома
— Cvetin Chilimanov ////////// (@Cvetin) June 25, 2022
Во една своја варијанта, овој националистички дискурс („патриотска хомофобија“) ги става правата на ЛГБТ лицата во директна конкуренција со останатите човекови права, повикувајќи се на нивно наводно фаворизирање од страна на државата за сметка на правата на останатите граѓани.[xix] Како што се укажува во една анализа, „Овој наратив ги извртува позициите на моќ, односно ЛГБТ заедницата е прикажана како моќно малцинство кое ги наметнува своите вредности врз хетеросексуалното мнозинство“.[xx] Дополнително, додека на површината се бара еднаков третман со ова „привилегирано“ малцинство, пораката е токму спротивното, дека ЛГБТ луѓето се помалку вредни од другите и не би смееле да бидат еднакви во правата со хетеросексуалците.
Истиот овој наратив може да се најде и во коментарите на некои универзитетски професори.[xxi] Иако тука не се тврди дека ЛГБТ луѓето се помалку вредни од другите, ако докрај се следи линијата на аргументите („Немам ништо против ЛГБТ заедницата, имам против Европа која ги „сака“ нив, а не „мрази“ нас или против домашните платеници кои ги воспеваат нив, а ќутат за нас“), неминовно се завршува во заклучокот дека ЛГБТ лицата не се дел од „нас“. Тие се перципираат како туѓо тело наметнато однадвор, инсталирано со помош на домашните платеници, нешто што постои за сметка на „нас“ – Македонците.
Човековите права не трпат ЛИЦЕМЕРИЕ!Вие што ги воспевате само правата на ЛГБТ заедницата,а молчите за правата на Македонците сте ГОЛЕМИ ЛИЦЕМЕРИ и непочитувачи на вистинската суштина на човековите права! Вие сте само едни обични ПЛАТЕНИЦИ И ПРОПАГАНДИСТИ! Злоупотребувате за пари!
— Тања Каракамишева Tanja Karakamisheva (@TKarakamisheva) June 25, 2022
Борбата против хомофобијата претставува дел од заштитата и унапредувањето на човековите права. Прикажувајќи ја како пропаганда, ваквиот коментар имплицира дека дискриминацијата на македонските граѓани врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет е непостоечка или ирелевантна.[xxii] Поткрепено со општествената позиција на говорничката, и повикувајќи се на патриотизмот на читателите, ова изразување e во центарот на социјалното произведувањe на контексти на хомобофија во општеството.
4) Дали сексуалната ориентација е исклучиво „приватна работа“?
Други видови на хомофобичен говор се коментарите против Парадата на гордоста како отворена демонстрација на сексуалната ориентација која, пак, е исклучиво „приватна работа“, и според тоа нема причини за нејзино јавно манифестирање.[xxiii]
Ваквите изразувања не успеваат да препознаат дека Парадата на гордоста има за цел да биде политички протест против стигмата, предрасудите, дискриминацијата и насилството врз ЛГБТ лицата, наместо обична демонстрација на сексуалноста. Истите овие гласови ги сакаат ЛГБТ луѓето скриени, безгласни и без премногу барања. Нивните коментари се експлицитно или имплицитно оспорување на рамноправноста на ЛГБТ лицата и уживањето на нивните основни човекови права, како на пример правото на приватен живот.
И, токму правото на приватен живот или тој приватен простор, во кој (според нашите толерантни хомофоби) ЛГБТ лицата треба да ја „сместат“ својата сексуална определба, далеку од очите на моралното мнозинство, според меѓународните стандарди за човековите права ја вклучува „сферата на животот на лицето во која тоа може слободно да го изрази својот идентитет, било преку влегување во врски со другите или самостојно“. Овој аспект на „индивидуална егзистенција и автономија“ или „себе-реализација“ го вклучува и сексуалниот и родовиот идентитет, чие долгорочно намерно криење (само-потиснување) е негирање на фундаменталното право на лицето да биде она што е (и претставува закана за неговиот ментален интегритет).
5) Штетите од хомофобичниот говор на омраза и одговорноста
Потенцијалната трајност на ваквите содржини достапни на интернет е исто така релевантно разгледување при проценувањето на природата и степенот на штетите предизвикани со хомофобичниот говор на омраза. Онлајн манифестациите на говорот на омраза се генерално „поогноотпорни“ од нивните традиционални, офлајн еквиваленти. Често се означуваат како „сајбер-сливници“, термин кој создава слика за гнили, стагнантни базени кои претставуваат опасност за јавното здравје.[xxiv] Трајноста на онлајн содржината, обезбедена со хиперлинкови и онлајн пребарување значи дека жртвите на онлајн говорот на омраза континуирано се соочуваат со истите случаи на говор на омраза по нивната оригинална артикулација.[xxv]
Ова, меѓу останатото, го покренува и прашањето за одговорноста на интернет порталите за вести што обезбедуваат платформа за коментари генерирани од корисниците, а кои претставуваат говор на омраза или директно поттикување на насилство. Така на пример, под видеото во Слободен печат кое известува за Парадата на гордоста во Скопје, има преку 2.9К коментари, кои се речиси исклучиво хомофобични, а голем дел од нив се директно поттикнување на омраза или насилство кон учесниците на Парадата и другите членови на ЛГБТ заедницата. Видеото има над 150К прегледи, и оттаму е влијателно.
Според Европскиот суд за човекови права, „Интернет порталите за вести кои за комерцијални и професионални цели обезбедуваат платформа за коментари генерирани од корисниците ги преземаат „должностите и одговорностите“ поврзани со слободата на изразување во согласност со член 10 став 2 од Конвенцијата каде што корисниците шират говор на омраза или коментари кои се директно поттикнување на насилство.“[xxvi] Тоа подразбира дека „правата и интересите на другите (во случајов на ЛГБТ лицата) и на општеството како целина и даваат право на државата да наметне одговорност за интернет порталите за вести, доколку не преземат мерки за отстранување на јасно незаконските коментари, дури и без известување (барање) од наводните жртви или од трети страни.[xxvii]
6) Културата на неказнување на говорот на омраза
Како и да е, постоечката култура на неказнување на говорот на омраза во Северна Македонија, посебно оној насочен кон ЛГБТ лицата, остава мала надеж за отстранување на незаконските коментари и за кривично гонење на засегнатите лица.
Според властите, државните институции постапуваат поорганизирано во однос на говорот на омраза, но потребни се обуки за негово препознавање од страна на полицијата и другите институции. Сепак, долгогодишното и речиси упорно одржување на општиот концептуален проблем со разбирањето на говорот на омраза,[xxviii] и неуспехот на институциите конечно да преминат од фазата на негово препознавање во фазата на постапување по него, повеќе укажува на тоа дека коренот на проблемот е во недостаток на волја меѓу надлежните власти (полиција, јавно обивнителство и судство) да го спроведуваат законот на делотворен начин.[xxix]
Иако санкцинирањето на говорот на омраза е само една од мерките (или крајна мерка) за негово адресирање кое вклучува и други механизми како што се само-регулација, превенција и контра-говор, тоа е незаменлива карика во борбата со него.
Безбедни, демократски јавни простори
Онлајн насилството во форма на говор на омраза и други форми, кое стана вообичаен начин на комуникација во нашиот дигитален простор (и коe најжестоко се применува против ЛГБТ лицата и жените кои говорат гласно) e тешко да се промени преку обиди за отворена дебата и дискусија што не го земаат предвид овој насилен контекст, во кој живеат ранливите социјални групи.[xxx] Додека групите кои се таргет на говор на омраза може да се спротиставуваат преку говор и демократско дејствување, материјална и политичка реалност е дека тоа не можат да го сторат рамноправно.
Слободниот говор значи да се биде слободен да се користи технологијата и да се учествува во јавниот живот без страв од злоупотреба – и ако дигиталниот јавен простор е средина, во која ЛГБТ лицата можат да „учествуваат“ по цена да бидат заканети, тероризирани, трауматизирани и ретрауматиризирани, каде што мора да го оправдуваат своето постоење до степен на физичка и емоционална исцрпеност – тој е далеку од демократски простор на плуралистички гласови.
Доколку сакаме вистински демократски јавни простори во дигиталната сфера, наша должност и одговорност е да негуваме безбедност во тие простори.[xxxi] Санкционирањето на говорот на омраза во оваа смисла може да се разбере како видливо уверување кое општеството им го нуди на сите свои членови дека нема да бидат предмет на злоупотреба, клевета, понижување, дискриминација и насилство врз основа на раса, етничка припадност, религија, пол, сексуална ориентација или родов идентитет, итн.
Бездруго, тоа нема да ја зголеми веројатноста расистите и хомофобите да се откажат од својот фанатизам и да станат добри, толерантни граѓани. Примената на законите за говор на омраза може да функционира како дел од поширока кампања за еднаквост и толеранција. Сепак, најважната цел на овие закони е понепосредна. Целта е, едноставно, да се намали присуството на видлива омраза (хомобофија) во општеството и на тој начин да им биде од корист на членовите на ранливите сексуални малцинства, одржувајќи ја јавната заложба за нивната рамноправна положба во општеството против јавното оцрнување.[xxxii]
(проф. д-р Елена Михајлова – Стратилати е редовен професор на Институтот за Меѓународно право и односи и право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ. Анализата објавена од ИМА може да се преземе слободносо задолжително цитирање на авторката и изворот на анализата)
[i] Балканска мрежа за истражувачко новинарство (BIRN) Pride Parade Spurs Spike in Balkan Digital Violations | Balkan Insight; Говор на омраза (govornaomraza.mk), Институт за медиуми и аналитика (ИМА) Анализи Archives – ИМА (ima.mk).
[ii] Говорот на омраза го има и после месецот на гордоста | МКД.мк (mkd.mk)
[iii] „Приберете децата: Геј парада денес во Скопје“, INFOMAX.MK
[iv] Видете одлука на СЕММ, за интернет – порталот „Република.мк“ со текстот насловен „Тасевски: Да се потсетиме пред пешкир парадата во Скопје, какви се оние кои ја финансираат и организираат“.
[v] ECRI_report_FR (coe.int), параграф 15 и 19. Види исто и: Види Билјана Михајловска, „Парадата на гордите хомофоби“.
[vi] Дел од коментарите на видеото објавено фејсбук страницата на Слободен печат: „отепајте ги, да не гледаат децата“;“;„…сите во септичка јама и динамит“; „сите на кол да ги ставиме“, „фрлање во вардар и одозора камен“, „…за вас стрелање“;.„само голи оток за вас“; „бесилка“; „…фаќање и отепување… Путин биди прецизен, еден да не остане!“, „Хитлер само за вас во печка да ве полни и ќибритот“; „не ми е верно какви деца родила мајка Македонија ова треба у една брана да се фрли и удави се до еден“;„оваа не е нормална, само бесилка на камиончето“, „арно сте качени на тоа камиончето и по едно јаже на железото и да се обесите и да ве вози низ Скопје, „добро бе овој со камиончето не знае да го дигне киперов и да се подврати малце назад“; Не ми е јасно шо улога имаат полицајците покрај, абе земи убиј воа гомно“, итн.
[vii] ECtHR, Association ACCEPT and Others v. Romania, 1 June 2021
[viii] Дел од коментарите под видеото на Слободен печат: „не е тоа определување тоа е пореметување…“; „… место да се прикриете со вашите аномалии вие се глупирате“; „болни во умот, изроди, дегенерици, гнаси изопачени„… „само негорци и бардовци за вас..“; „…умоболните треба да се на лекување, а не по улиците“; „..од кога ментална болест се нарекува гордост“; „нормално општество… со изроди не!“, итн.
[ix] ECtHR, Vejdeland and Others v. Sweden 9 February 2012.
[x] Ибид.
[xi] Weber, A., Manual on Hate Speech, Council of Europe Publishing, 2009, p. 36.
[xii] Jeremy Waldron, The Harm in Hate Speech, Harvard University Press, 2012.
[xiii] ECtHR, Association ACCEPT and Others v. Romania 1 June 2021; ECtHR, Lilliendahl v. Iceland 12 May 2020 (decision on the admissibility).
[xiv] ECtHR, Beizaras and Levickas v. Lithuania 14 January 2020
[xv] Коментари по видеото на Слободен печат и на Твитер: „Којзнае од кои држави ги довеле да парадираат овде и да ни ги изопачуват нашите деца“; „овде пола се странци, пола партиски војничиња што мораат агендата да ја истераат…“;„Пола од присутните разговараат на странски јазици“; „Платеници дојдени да им го перат мозокот на нашата младина, секако со помош од домашната фела на педери; “Скопје прајд: 50 % – странски гости од ЛГБТ турнејата 45 % – невладини хетеро платеници кои одработуваат 4 % – гејови и остали лгбт лица 1 % – збунети; „Ова е врвот. Не обезличија како народ, не обезличија како држава, сега не обезличија како луѓе што треба да го негуваме нереалното во нашите сфаќања„; Шупчињата Муртински тие страдни за ЛУПАЊЕ со Европическана ПЕДЕРААНА на СМЕТКА на МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНЦИТЕ! Мрш маму вибам СПОДОБИ низаедни!“, ЛГБТ stands for Lesbians, Gay, Bulgarians, Transgender“, итн.
[xvi] Mosse, G., The Image of Man: The Creation of Modern Masculinity, Oxford University Press, 1996.
[xvii] Види Билјана Михајловска, „Парадата на гордите хомофоби“.
[xviii] Cvetin Chilimanov ////////// on Twitter: “Мразам кога Парадата на гордоста ќе се падне на ЕУдатумојавление, а уште не завршил месецот на светите Мариуополски маченици. Да не знае човек како да украси по дома” / Twitter
[xix] Коментари по видеото на Слободен печат и на Твитер: „15.000 евра за деца со посебни потреби 1.000.000 евра за подмачкување на пешадија со вазелин“; „Дојде време, достоинствено било да си педер, ама несмееш да си МАКЕДОНЕЦ“; „Ти проповеда љубов и човекови права на ебан прајд додека ти забранува да бидеш македонец“; „А кога ќе бидеш тука за болните деца за кои секој ден се бараат пари за лекување од народот, како и за децата со посебни потреби кои немаат никакви права и услови за живеење?“; „Загарантирано човеково право е некој да си е Педер. Ама Македонец – никако!“
[xx] Елена Гаговска, „Говорот на омраза го има и после месецот на гордоста“, Говорот на омраза го има и после месецот на гордоста | МКД.мк (mkd.mk)
[xxi] „Човековите права не трпат ЛИЦЕМЕРИЕ!Вие што ги воспевате само правата на ЛГБТ заедницата,а молчите за правата на Македонците сте ГОЛЕМИ ЛИЦЕМЕРИ и непочитувачи на вистинската суштина на човековите права! Вие сте само едни обични ПЛАТЕНИЦИ И ПРОПАГАНДИСТИ! Злоупотребувате за пари!“ ….и понатаму: „кој што сака нека си биде, само без Лицемерие. Јас сум Македонка и ќе останам до крајот на Животот!“ (Тања Каракамишева Tanja Karakamisheva on Twitter)
[xxii] Иако може да се дебатира за точните квалификации на ова изразување, тоа сепак укажува на недоволно разбирање на основните принципи за човековите права наведени во главните меѓународни конвенции и потврдени со македонските закони.
[xxiii] Коментари по видеото на Слободен печат: : „Биди си тоа што си, но кој ти дозволил јавно; „Море бидете си шо сакате по дома, и не туку замарајте други со вакви ненормални работи“; „Дечки олабавете, никој не ги мрази педерите, само нема потреба од парадирање не?“
[xxiv] Brian Leiter, “Cleaning Cyber-Cesspools: Google and Free Speech”, in Saul Levmore and Martha C. Nussbaum, Eds., The Offensive Internet: Speech, Privacy, and Reputation (Cambridge, Massachusetts and London, Harvard University Press, 2010), pp. 155-173.
[xxv] Види Tarlach McGonagle, The Council of Europe against online hate speech: Conundrums and challenges.
[xxvi] Член 10 став 2: “Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството“, European Convention on Human Rights (coe.int)
[xxvii] EctHR, Delfi AS v. Estonia 16 June 2015 (Grand Chamber)
[xxviii] ECRI_report_FR (coe.int), пара.27.
[xxix] Ибид, пара. 24.
[xxx] Shqipe Gjocaj, SQUASH ONLINE HATE SPEECH: Squash online hate speech – Kosovo 2.0 (kosovotwopointzero.com)
[xxxi] Ибид.
[xxxii] Jeremy Waldron, The Harm in Hate Speech, Harvard University Press, 2012.