„Силна порака за поддршка од силна држава“, така украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша вчерашната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Украина.
Зеленски вчера оствари билатерален разговор со својот турски гостин, по што се одржа трилатерална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Средбата на тројцата лидери траеле околу 40 минути.
Според турската телевизиска станица „НТВ“, Зеленски посочил дека со турскиот претседател разговарал за можностите за надградба на иницијативата за извоз на жито преку украинските пристаништа, како и за ситуацијата околу нуклеарната централа „Запорожје“.
„Зајакнувањето на нашата соработка ќе доведе до зајакнување на двете земји“, истакнал украинскиот претседател.
На средбата во Лвов бил потпишан договор меѓу Турција и Украина за реконструкција на инфраструктурата оштетена во војната, наведува „НТВ“.
Телевизијата наведува дека на билатералната средба претседателите разговарале за сите аспекти на односите меѓу Анкара и Кијив на стратешко ниво.
На трилатералната средба Зеленски-Ердоган-Гутереш од турска страна во Лвов присуствувале уште и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, шефот на разузнавачката служба МИТ Хакан Фидан и портпаролот на претседателот и советник Ибрахим Калан.




