Единаесетгодишно дете е убиено во руски ракетен напад врз округот Синелников во регионот Дњепропетровск, изјави заменик-шефот на Кабинетот на претседателот на Украина Кирило Тимошенко на Телеграм, јавува Укринформ.
„Во ракетниот напад загина 11-годишно дете. Нема оправдување за руските убијци. Едноставно нема зборови“, напиша Тимошенко.
Најмалку 15 лица загинаа, а 50 се ранети вчера во руски ракетен напад на железничка станица во централна Украина, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН.
„Штотуку добив информација за пад на руска ракета на железничка станица кај Дњепропетровск, на вагони на станицата Чаплино. Се запалија четири патнички вагони“, рече Зеленски на почетокот на својот говор.
Според него, „најмалку 15 луѓе ги загубиле животите, а педесетина се ранети“.
„Спасувачите излегоа на терен, но бројот на жртви, за жал, може да се зголеми. Ова е нашето секојдневие“, додаде Зеленски.
Подготви: Ј. Ѓ.





