Наведување само на цените на електричната енергија за компаниите и граѓаните во Северна Македонија и споредба со некои земји од регионот е методолошки спин. Спин е, затоа што во секоја земја различно, повеќе фактори ја определуваат цената, а тоа е количеството домашно производство и цената на истото, регулираниот и нерегулираниот пазар, т.е. кои компании се на кој пазар, потрошувачката на севкупниот конзум, потребата за увоз на електрична енергија и конечно, големината на буџетите и подготвеноста на владите да ги покриваат загубите на производителите, кои доста често и се снабдувачи за најголем дел од потребите на една земја, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Христијан Мицкоски, во изјава за цената на струјата за индустријата во С. Македонија даде изјава во која се препознава спин:
Спин: „Јас не очекувам од надлежните да излезат и да признаат дека ги крадат граѓаните и дека се неспособни, односно дека не знаат да го управуваат електро-енерегетскиот систем, но вистината е таа дека македонските бизнисмени, според Еуростат, не според ВМРО-ДПМНЕ, во втората половина од 2021 година плаќаат и двојно повисока цена за струјата од нивните колеги, на пример, во Косово. Плаќаат поскапа струја од нивните колеги во Србија, во Црна Гора, во Турција и буквално секаде, односно долгата приказна накратко, тие стануваат сѐ понеконкурентни и, за жал, голем дел од нив ќе мора да ги затвораат бизнисите, а со тоа голем број наши сограѓани ќе останат без егзистенција за своите семејства“.
[Извор: 360 Степени – Мицкоски/изјава – датум: 28.08.2022]
Контраспин: По втор пат во изминатите три дена лидерот на ВМРО –ДПМНЕ зборува за состојбата со електричната енергија во земјата и се фокусира на цените на струјата за индустријата, на производството на електрична енергија и на начините како тоа да се зголемело, но притоа употребува спинови, особено за две работи – цената по која бизнисмените ја плаќале енергијата и прави споредба на цените при што ја врзува конкретно за актуелната власт.
Давајќи ја изјавата првиот пат во интервју за ТВ Сител и повикувајќи се на податоци од Евростат, Мицкоски како шокантни ги наведува разликите во проценти за тоа колку нашите мали и средни компании плаќале повеќе кон снабдувачите и дистрибутерот (144 евра за мегават час) споредено со оние од Хрватска, Словенија, Србија, Косово, Црна Гора, Турција. Па, парафразираме, македонските компании плаќаат некаде за 12 отсто повеќе споредено со оние во Хрватска, 82 отсто повеќе во однос на оние од Црна Гора, во однос на компаниите од Србија 38 отсто повеќе, итн. Мицкоски, тука прави најмалку два спина.
Прво, повикувајќи се на Евростат, (за таа категорија потрошувачи од 500-2000 Mw/h), Мицкоски не кажува дека генерално цената на електричната енергија во втората половина од 2021 година почна да расте и второ, дека е очигледена разликата помеѓу просечната цена во земјите од ЕУ (27) и просечната цена на електричната енергија во останатите делови од Европа кои не се дел од ЕУ, односно оваа втората е секаде повисока.
Но, најважно од сè, Мицкоски прави споредби само според еден параметар, а тоа е цената, не кажувајќи, притоа, дека постојат бројни фактори што ја определуваат цената на електричната енергија во секоја земја посебно. Така, на пример, според логиката на Мицкоски, не е можно да се разбере зошто индустријата во иста категорија на потрошувачка во Словенија плаќа 122 евра по мегават час, а во Бугарија по 187 евра по мегават час. Дотолку повеќе, што и двете земји имаат активни нуклеарни централи и произведуваат значително доволно електрична енергија за сопствениот пазар. А, не е само количеството домашно произведена електрична енергија. Тука се и бројни фактори, од тоа дали државата ќе ги презема загубите на производителите и снабдувачите на свој грб и ќе ги покрива од буџетот, дали тоа ќе го прави помагајќи им бизнисите на друг начин, а не преку цената на електричната енергија и слично.
На пример, кога ја споменува Србија, Мицкоски не кажува дека покрај поголемата покриеност на пазарот со домашно произведена електрична енергија од околу 90 отсто, тамошната Влада на крајот од 2021 година му препорача на најголемиот снабдувач Електропривреда Србије (ЕПС), со индустријата да склучува договори не повиски од 75 евра за мегават час, додека за воената индустрија таа цена да изнесува 68 евра. И таа препорака важеше за првите шест месеци од 2022, односно до јули годинава. Но, уште повеќе, претходните два последни месеца од 2021, ноември и декември, тамошната влада, исто како и владата во Бања Лука, донеле одлуки да се „замрзне“ цената на струјата за крајот од 2021 година.
Како што пишува специјализираниот портал од кој што црпиме податоци Balkan Green Еnergy News, овие одлуки значат за некои компании поскапување, за некои поевтинување на цената за новите договори, но во секој случај, разликата што се однесува на цените на европските берзи во тоа исто време беа многу поголеми (305 евра), па така, секоја загуба во цените (и во однос на производствената цена и ако имала потреба да увезува струја во тој период), се одразува во билансите на ЕПС, а државата е таа што се нафатила да ги покрива и да ги менаџира.
Па, така, само во првиот квартал од 2022 поради ваквите околности ЕПС забележал нето загуба од околу 244 милиони евра (29 милијарди динари). Слични, но и секаде различни во однос на загубите, домашното производство, увозот – сите фактори што се битни, се состојбите и во БиХ, и во Црна Гора, и во Косово и во Турција, итн.
Значи, спинот на Мицкоски е во тоа што прави споредба само на цените истакнати од Евростат, без да ги наведува различните фактори во секоја земја поединечно. Како и оној, што го кажа министерот Крешник Бектеши, дека 70-80 отсто од компаниите кај нас (мали и средни), се сè уште на регулираниот пазар и поради тоа цената во просек била 144 евра за мегават час, а не цените кои веќе во последните три месеци од 2021 на берзите беа помеѓу 200 и 300 евра.
Спинови и за цената на струја за граѓаните
Но, тоа не го спречува Мицкоски да продолжува да спинува и за цената на струјата кај граѓаните, тврдејќи дека добивале поплаки дека плаќаат поскапа струја и за 50 отсто, не наведувајќи за кој период се однесува тоа:
Истовремено, жалам што секојдневно добиваме поплаки од граѓаните кои што плаќаат и до 50 проценти поскапи сметки за струјата, а она кое што, исто така, ме шокира, е најавата на надлежните дека од први јануари дополнително тие сметки ќе бидат зголемени.
Како што ѝ е познато на јавноста, цената на струјата на регулираниот пазар, што ја определува Регулаторната комисија за енергетика два пати годишно, беше сменета на крајот од јуни и таа беше зголемена во просек за 7,4 отсто, при што беа воведени тарифи и ова просечно поскапување се однесува за првите три тарифи, односно три блока на потрошувачка. Впрочем, во тоа можеа да се уверат сите што ги добија сега во август јулските сметки за потрошена електрична енергија.
Така што, ваквите паушални изјави за 50 отсто, исто како што тоа го прави и партијата на Мицкоски во соопштенијата од типот Со Ковачевски народот плаќа 50% поскапа струја, а фирмите и до 400% повеќе во однос на лани, се спин. Зашто, на пример, кога излезе баш тоа соопштение, на пребарувачот Тајм мк, можеше да се прочита и следниот наслов: Цените на електричната енергија во Европа растат – експертите предупредуваат на рецесија во еврозоната!
Оттука, Мицкоски спинува кога вели дека е шокиран од најавите на надлежните (изјава на директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски), дека цените од јануари следната година повторно ќе одат нагоре. Едноставно, тоа е реалноста барем за цела Европа. Од мал „милиони фактори“ цените на пазарите за струја „полудеа“ од втората половина на 2021 година досега и растот сè уште е тренд. Она за што Мицкоски не спинува, е тезата дека забавувањето на цените може да се изведе само со зголемување на домашното производство, но и тоа е толку сложен фактор, што ниту може да се изведе преку ноќ, ниту, пак, е гаранција дека целосно ќе го забави растот на цените. Впрочем, најдобар показател се цените што ги наведовме од Евростат за втората половина на 2021, каде што земји кои имаат функционални нуклеарни централи, какви што се Словенија и Бугарија и кои произведуваат доволно за речиси целосно покривање на домашниот пазар со електрична енергија, исто така, бележат раст на цените.
Што, секако, не е оправдување за негрижата на сите власти досега, вклучувајќи ја и сегашната, за малите или лошите инвестиции во домашниот електро-енергетски систем, за корупција при јавните набавки, посебно во капацитетите за производство на базна енергија.