Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Зошто ќе помине одлуката за уставни измени според која Бугарите, Хрватите, Црногорците и веројатно уште една или повеќе етнички заедници ќе бидат внесени во Уставот?
Затоа што тоа е мудра и државничка одлука.
Затоа што нема ниту една здраворазумска причина нашите сограѓанки и сограѓани од други етнички заедници да не бидат дел од Уставот во кој веќе се набројани, покрај македонската, уште шест заедници.
Затоа што на тој начин, македонската држава манифестира највисоко демократско ниво и зрелост.
Затоа што со таа одлука ќе направиме уште еден голем чекор напред, на автопатот кон ЕУ и кон развиениот демократски свет.
Затоа што, без оглед на партиската припадност, во Македонското собрание има свесни и совесни пратенички и пратеници кои ја сакаат својата земја и искрено сакаат да бидеме членка на ЕУ. Затоа, веќе сега има пратенички и пратеници на опозицијата кои веќе ја донеле оваа државничка одлука или сериозно размислуваат за тоа.
Затоа што граѓанките и граѓаните не сакаат да чекаат повеќе ни миг, додека некои политичари водат гола борба за власт. Граѓанките и граѓаните ги прочитаа оние политичарите кои по секоја цена се борат да ги остварат своите лични апетити и ги лечат своите лични комплекси и фрустрации врз нивниот грб. Цената им е превисока, а тоа што го нудат е премногу штетно.
Затоа што граѓанките и граѓаните сакаат да живеат пристојно и достоинствено, во стабилна, просперитетна и безбедна држава што ги почитува човековите права и слободи.
Политичарите ги препознаваат интересите на граѓанките и граѓаните, дури и кога им е сеедно за нив. Најголем дел од политичарите сакаат да бидат дел од процесите што водат напред, а не да останат покрај патот, во ендекот на историјата. Не сакаат да бидат впишани во историјата како луѓе што ѝ наштетиле на својата земја.
Затоа што 50% од членовите на најголемата опозициска партија не се согласуваат со политиката на блокади и насилство што ги практикува раководството на партијата со години наназад. Сакаат да членуваат во модерна конзервативна партија што ги води кон Европа.
Затоа што во парламентот има луѓе што сакаат да ги исполнат македонските национални интереси.
Затоа што се вистински патриоти.
Затоа што … (дополнете самите)
Зошто може да не помине одлуката за уставни измени?
Ќе помине.