Тврдењата дека Владата им забранила на компаниите во Белград да го користат зборот „македонски“ ги демантираа од Владата. Оттаму, посочија дека придавката „македонски“ ја има секаде на промотивниот материјал на Саемот за храна, вино и туризам во Белград. Од фотографија која ни ја испратија директно од Саемот во Белград јасно може да се види дека на еден од постерите пишува „Република Северна Македонија – македонски вина“. Истото може да се забележи и на видеата и на фотографиите на Фејсбук страниците кои го промовираат овој настан, пишува Вистиномер.
Пост на Фејсбук тврди дека Владата им го забранила терминот „македонски“ на македонските излагачи на Саемот за храна, вино и туризам кој во рамки на „Отворен Балкан“ деновиве се одржува во Белград. Нашата проверка на факти покажа дека ваквото тврдење не е точно.
Постот споделува напис во кој на почетокот се вели:
Владата на секој начин се труди да го цензурира употребата на терминот „македонски“ кога се работи за промоција во спортот, културата, гастрономијата, историјата.
Написот се повикува на писмо, наводно испратено од Владата до компаниите, кое не е во целост објавено, а според кое компаниите кои ќе се претставуваат на Саемот добиле насоки да не го користат националното лого.
Од компаниите уште се бара сите производи што ќе ги презентираат да одат на проверка во Влада за секој случај да не има нешто „македонско“. Конкретно, тоа значи дека компаниите нема да смеат да презентираат на посетителите за македонско вино, македонско езеро, македонско сирење, туку за производ од „Cеверна Македонија“, тврди написот кој го анализираме.
Проверката на Вистиномер покажа дека тврдењата изнесени во написот се лажни. Од фотографија која ни ја испратија директно од Саемот во Белград јасно може да се види дека на еден од постерите пишува „Република Северна Македонија – македонски вина“.
Што се однесува до писмото на кое текстот се повикува, а според кое Владата наводно им забранила на компаниите да го користат националното лого, Вистиномер побара објаснување од Владата за какво писмо и за кое национално лого станува збор.
Од Владата ни кажаа дека станува збор за мејл испратен од Министерството за земјоделство до винариите, во кое им било посочено дека нема потреба да го чекаат националното лого (се мисли на официјалното лого со кое Македонија се претстави на Саемот во Белград, Taste life – Вкуси го животот), туку дека на просторот предвиден за брендирање на штандовите можат да го постават само своето лого, односно логото на секоја од винариите.
Имено, првичната идеја била покрај брендот, односно името на винаријата на штандот да стои и логото (Taste life), но подоцна е одлучено Taste Life да биде објавено на другите промотивни материјали.
Како што ни објаснија од Владата, тоа било на барање од организаторите од Србија, со цел да нема преоптоварување на рекламните штандови и да се овозможи на винариите поефективно да ги комуницираат своите брендови. Во секој случај, кога се спомнува „национално лого“, не се мисли на некое од уставно/законски регулираните обележја на државата (знаме, грб, итн.), ниту, пак, на визуелен елемент кој би ги содржел ваквите обележја делумно или во целост, туку едноставно на лого изработено за промотивните потреби во рамките на оваа манифестација.
Понатаму, доколку се погледнат рекламните фотографии и видеа за Саемот во Белград, ќе се види дека во нив се промовираат традиционални македонски јадења и вина и дека зборот „македонски“ не изостанува. Дел од нив се објавени и на официјалната Фејсбук страница на премиерот Димитар Ковачевски.
Видеата и фотографиите можат да се најдат на страницата насловена „Taste life – Вкуси го животот“ – слоганот, односно логото за кое пишувавме погоре.
Во голтка македонско вино ќе го почувствувате пулсот на ова парче земја, аромата на прекрасната македонска природа и топлината на македонската гостопримливост. Со секоја голтка македонско вино ќе ги вкусите животот и недопрената природна убавина. Македонските вина со врвен квалитет ќе бидат изложени на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград, од 1 до 4 септември 2022 година.
Ова не е само тавче-гравче. Ова се векови традиционална македонска кујна, кујна негувана и усовршувана во топла пријатна клима.
Ова се долги години лозарска традиција пренесувана од генерација на генерација за да се создаде таа совршена уникатна арома на македонскиот нектар од грозје, се слуша во рекламите објавени на социјалните мрежи.
Вистиномер ги провери и договорите кои Генералниот секретаријат на Владата ги склучил со маркетинг агенцијата „Рејтинг“, задолжена за осмислување и реализација на активности за учество на Република Северна Македонија на 4-дневниот Саем на вино, храна и туризам во Белград, Република Србија и за осмислување и реализација на еднодневен Фестивал на храна и вино во Република Северна Македонија.
Договорите се јавно достапни и во нив никаде не се споменуваат услови како некористење на зборовите „Македонија“ и „македонско“.
Тврдењата дека Владата им забранила на компаниите во Белград да го користат зборот „македонски“ ги демантираа и од Владата. Оттаму, во изјава за 360 степени посочуваат дека придавката „македонски“ ја има секаде на промотивниот материјал на Саемот за храна, вино и туризам во Белград.
Апелираме да не се шират невистини, кои ни носат само штета. Настанот во Белград е значаен за промоција и поддршка на македонската економија и извозниот потенцијал на македонските вина и храна, но и важен за развој на туризмот како и за поврзување и заедничка соработка на земјите од регионот. Придавката ’македонски‘ може да се види секаде на промотивен материјал и е составен дел од сите материјали со кои се промовираат македонските производи, храна, вино и туризам. Сите досега објавени материјали во јавноста ја содржат таа придавка и истата е составен дел од материјалите на другите јазици, велат од Владата.
Имајќи ги предвид сите горе посочени факти, можеме да заклучиме дека постот кој го рецензираме е невистинит.