Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Седнав да пишувам колумна за злото и несреќата како состојби на духот во кои се настануваат сѐ повеќе Македонци. Ослободени од багажот на просветеноста, културата, љубопитството, моралот, пристојноста, знаењето, љубовта…
За разлика од класичниот градежен пазар, тука цените на квадратниот метар паѓаат, а интересот се зголемува.
Сите почнаа да сакаат да бидат луди и лути.
На секого и на сѐ.
Колумна за преобразбата на Македонците во несреќници.
Што меѓу себе се хранат со примери на личните несреќи кои потоа солидарно ги издигнуваат на национално ниво.
На луѓе кои се доживуваат себеси исклучиво како неправедна жртва на злото и несреќата што им ги нанесуваат власта или владата, министрите, директорите, шефовите, докторите, трговците, Заев, Ковачевски, Ахмети, Османи, Албанците, Бугарите, Власите, Ромите…
Или странските фактори, при што први на удар им се Европската унија, Бугарија, Грција, Германија, Франција, Британија и Америка, Макрон, Бајден, Шолц, Елизабета Втора, бог да ја прости, судиите во сите меѓународни натпревари на нашите репрезентации…
Со цинични и злобни досетки сопираат кралеви, претседатели, премиери, ѕвезди и си ги бришат мрсулите со нивните ракави.
И истовремено емитираат несреќност.
И нанесуваат несреќи на нормалниот дел од општеството.
Тие самите се преобразуваат во голема несреќа.
За себе и за околината.
Не постојат надвор од статусот на несреќници.
Како жртви и како носители на несреќите.
И на злото како несреќа во активна форма.
Комбинација која ги ослободува од чувството и способноста за позитивност, од способноста да се прифати што било, рамка, протокол, договор, препораки, закон, добра волја, да се каже „да“, да се соработува, да се радува.
Само „нето“ е валута која кружи и важи во оваа секта како резервна сувереност на идиотизираниот Македонец.
Функционираат на бесплатната и бескрајно обновлива енергија на автостимулациите, да не речам функционираат како класични дркаџии, свршуваат на сѐ и сешто, од некоја банална грешка во некое соопштение или телеграма, до некоја сериозна афера, од смртта на Елизабета, до секој успех на Путун или пораз на Бајден.
Тие се во суштина автошовинисти.
Си го скицирав, така, текстот кога под рака ми дојде Теофил Панчиќ, со најновата колумна во „Данас“.
И, што да ви кажам.
Ми ја украл идејата.
Хахаха!
Се заебавам, нормално.
Познати се тие синхроницитети на идеите, мислите, ставовите.
На дистанца.
Ево шта пише друг Тео:
„Сите ги знаеме таквите луѓе и знаеме дека се од најгадниот вид. Ги избегнуваме во широк лак и се трудиме со нив да немаме ништо затоа што од нив ништо добро не може да ни дојде ниту се во состојба што било добро да примат.
Злото го емитираат и шират дури и тогаш кога се обидуваат да бидат добри, или макар нормални.”
Ха, си реков, па, тоа се моите Македонци од сектата на патриотите.
„Можеби“, продолжува Панчиќ, „нивното настојување е искрено, но тоа проклетство во нив е појако од сѐ. Излегува на површина при првото искушение, а искушенијата нивни се секојдневни, затоа што на нив и самиот живот меѓу другите, е трпење и страдање.
Тоа се луѓе во вечен конфликт со целиот свет, тажни и повредени, во постојан самоодбранбен грч кој се претвора во изблици на пасивна и активна агресија; цел свет им е нешто должен и нешто страшно им има згрешено, а најдолжни и најгрешни им се оние најблиските – пријателите, роднините, соседите. Никој не им е добар освен самите на себе и ја проколнуваат својата судбина што се родени окружени со таков човечки талог, а да биле родени во подобро и поквалитетно окружување, друга песна би се пеела и тие самите би зрачеле како сонце. Вака, повеќе личат на црни дупки, вселенски ништости кои од сѐ околу себе ја исцицуваат светлоста и енергијата и што еднаш во нив ќе пропадне, надвор повеќе не се враќа.“
И заклучува: „Проблемот е кога таа киселина ќе стане масовна, не индивидуална патологија, туку општествен феномен, разорно чувствување на светот и делузија за своето место во него.“
Што да кажам.
Бојата на овој текст ја препознавам како своја.
Со содржината што ја изнесува Панчиќ веќе сум пополнувал некои свои колумни и други форми со кои се трудам да ја комуницирам јавноста и да ѝ помогнам да не го активира експлозивот на злото што го носи околу половината и во главата. Теофил е тука не како нешто ново, тоа сакам да го кажам, туку како професор кој со последниот текст го оверува семестарот кај студентот од Скопје. Ми влева дополнителна доза на самодоверба. Да истраам во контраофанзивата против злото, против жртвите и носачите на злото, како Украинците против руските окупатори.
Ситуацијата е многу лоша.
Индивидуалната психопатологија и тука е израсната во општествен феномен.
Во систем на автономното возење кон смртта.
Никој не треба ништо да прави.
Можеме да си ги пиеме кафињата по терасите и да јадеме говна против државата, народот и власта и против светот, се разбира и да бидеме сигурни дека нашето авионче ќе тресне во првиот рид. Луѓето што ќе ја дешифрираат црната кутија, ќе забележат дека патниците загинале затоа што многу енергично играле патриотски ора во авионот. Направиле дупки во трупот, некои испопаѓале во текот на летот, а другите загинале во бакнежот на земјата.
Не знам како може да се излезе од прегратката на овој трагичен поглед врз себе. Но, веројатно дека првиот рефлекс мора да укаже на строго игнорирање во формулирањето и водењето на државната политика на сѐ по што плачат несреќниците. Второ, таа политика, така поставена, мора да понуди резултати кои ќе имаат моќ да го осипат членството на смртоносната секта. И, трето, мора да се направи нешто за потиснување на силите на злото кои го држат под окупација комплетниот медиумски простор. Нормалната политика или политиката која се смета за нормална, не може да биде таква ако нема инструменти со кои ќе ја комуницира својата мисија.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.