За овие 30 години независност, многу жени без оглед дали се од политчката сфера или од некој друг дел од општественото живеење покажаа дека имаат доволно квалитети успешно да работат на позициите кои ги имале и имаат, смета министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Денес професиите не ги делиме на машки и на женски, туку нас жените нè има во секоја професија затоа што сметаме дека имаме доволно капацитет и квалитети кои треба да ги покажеме и со кои што треба практично да помогнеме во општественото живеење, а со тоа да и помогнеме и на нашата држава, истакна Петровска во денешното гостување во емисијата „Приказна“ на Македонската радио телевизија.
Додава дека жените не се само квота и бројка во општеството, туку дека даваат реални и квалитетни резултати. На прашањето дали општеството е подготвено за жена – премиерка или претседателка, Петровска подвлекува дека не станува збор за подготвеност, туку за тоа дали успешните жени се видливи пред јавноста.
Убедена сум дека нашите граѓани одлуките на изборите без разлика дали се претседателски, парламентарни или локални во иднина сè помалку ќе ги носат врз основа на тоа дали некој кандидат е жена или маж, туку дали ќе бидат уверени во неговите или нејзините квалитети, смета Петровска.
Во однос на изложеноста на жените на сексизам и дискриминација, Петровска истакна дека таа појава сè уште постои и дека е потребна гласна осуда од целото општество, особено затоа што тоа може да доведе и до други несакани појави како психичко или физичко насилство.
Јас бев предмет на напади и тоа во голем дел беа лични напади врз основа на мојот изглед, начинот на облекување. Тие веројатно имаа една единствена цел – а, тоа беше да ме демотивираат да продолжам по патот по кој сум започнала да одам. Како што гледате и после осум месеци од почетокот на тие напади, јас сè уште сум на истата позиција и не се колебам што сум тука. Им благодарам на сите добронамерни критичари и јавно и приватно кои ми даваат сугестии не само во поглед на моето однесување и облекување, меѓутоа и во поглед на работата, затоа што целта на секој од нас е да се стремиме да бидеме подобри во тоа што го работиме, а секогаш за добрите критики има доволно простор. Но, нападите ми беа изненадување затоа што на оваа позиција, очекував дека ќе дискутираме за критиките за начинот на кој што раководам со Министерството, за политиките кои ги водам и процесите кои се одвиваат, а не за нешто што јас лично го сметам за споредно, вели Петровска.
Солидарноста помеѓу жените, посочува Петровска, беше видлива и многу важна зашто покажува дека жените и целото општество се обедини во осудата на овие лични напади.
Општеството гледа што се случува и драго ми е што таквиот тип на реакција го гледам и понатаму, секогаш кога која било жена и во политиката и во јавноста ќе биде предмет на вакви лични напади, неосновани критики или омаловажување. Тоа значи дека ние жените знаеме да се обединиме и да си помагаме меѓу себе, вели министерката Петровска.