Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска се одржа показна вежба за демонстрација на новите оклопни возила на Армијата – американските JLVT Oshkosh.
На настанот, по покана од министерката за одбраната, Славјанка Петровска, присуствуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски и членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но не и претставници на опозицијата кои го бојкотираа настанот.
Вежбата „Употреба на JLTV возилата при изведување на борбени операции со воздушна поддршка“ ја изведоа припадници на вториот баталјон од 1. пешадиска бригада на Армијата, единица која пред пет месеци успешно го мина НАТО оценувањето.
По вежбата, присутните беа запознати и со тактичко-техничките карактеристики на возилата и нивната намена, а беше презентиран и дел од нивната лична опрема и вооружување.
Првите шест нови лесни оклопни транспортери од американско производство пристигнаа во јули оваа година и со нив е значително подобрена борбената готовност на Армијата. Се очекува во следниот период да биде испорачана нова пратка од 27 возила од овој тип.